Битиќи: Очекуваме зголемена трговска размена со Словенија во пост ковид периодот

34

Словенија, која по површина и број на жители е слична на Северна Македонија, претставува одличен пример на земја која применува стратегија на долгорочно планирање и спроведува политики за рамномерен регионален развој. Очекуваме зголемена трговска размена во пост ковид периодот, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на денешната средба во Скопје со новоименуваниот словенечки амбасадор Милан Предан, со кого разговараа за мерките за справување со економската криза предизвикана од коронавирусот, економската соработка помеѓу двете земји и европските интеграции на нашата земја.

Во своите воведни излагања вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Предан се осврнаа на актуелната ситуација со Ковид 19 во двете земји и констатираа дека имплементирањето на мерките за зачувување на здравјето на граѓаните и за справување со економските последици е врвен приоритет за двете земји. Воедно, истакнаа дека очекуваат зголемување на трговската размена помеѓу двете земји и побрзи стапки на економски раст во пост ковид периодот.

Вицепремиерот, посочуваат од неговиот кабинет, информираше дека Владата започна со креирање на Национален план за развој, своевидна долгорочна стратегија, која треба да обезбеди инклузивен, одржлив и побрз економски развој, како и рамномерна распределба на средствата, за повисок животен стандард и подобри услови за живот на сите граѓани во земјата.

Двајцата соговорници се согласија да продолжат со меѓусебна комуникација во насока на унапредување на политичките и економските односи помеѓу двете земји.

Амбасадорот Предан нагласи дека Северна Македонија може да очекува поддршка од Словенија во спроведувањето на реформите во земјата во насока на евро-интеграциите, како и споделување на искуства за проекти со кои земјата би аплицирала во инвестицискиот фонд за Западен Балкан на ЕУ, во вредност од околу 9 милијарди евра.