Бислимоски: Лиценцата за ГЕС ќе биде условена, БЕГ продолжува со работа

329

Градското енергетско претпријатие поднесе барање до Регулаторната комисија за добивање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија. Процедурата, како што најави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, ќе биде транспарентна и БЕГ ќе продолжи да работи се додека ја има лиценцата. Инаку, лиценцата на ГЕС ќе биде условена со цел, како што појасни Бислимоски, од ГЕС да ги уверат дека имаат доволен број вработени и содветен кадар за дејноста  

Акционерското друштво Градски енергетски системи (ГЕС) поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за да добие лиценца за дистрибуција со топлинска енергија.

Со тоа, како што изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, и официјално почнува процедурата ГЕС, кое го формираше Советот на Град Скопје, да ја преземе обврската за дистрибуција на топлина до потрошувачите во главниот град. 

Бислимоски најави дека процедурата за издавање на лиценцата на ГЕС и паралелно со тоа и постапката за одземање на лиценцата на Балкан енерџи груп (БЕГ) – Дистрибуција ќе се врши транспарентно за што во наредниот период ќе бидат организирани состаноци со БЕГ и со АДССДП како друга страна од договорот.

– Една работа по која што ќе се водиме и на која што ќе инсистираме е сигурност во снабдувањето со топлинска енергија. Потрошувачите во Град Скопје, кои моментно се приклучени на системот на БЕГ да бидат сигурни и да не се грижат дека ќе имаат каков било прекин во снабдувањето со топлинска енергија – рече Бислимоски.

Постапката за издавање на лиценцата би траела 45 до 60 дена и ќе биде условена со цел, како што појасни Бислимоски, од ГЕС да ги уверат дека имаат доволен број вработени и содветен кадар за дејноста.

– БЕГ ќе продолжи да работи се додека има лиценца за вршење дејност. Претпоставувам дека луѓето што работат таму ќе бидат преземени од ГЕС – рече Бислимоски.

Според него, сите вршители на дејноста дистрибуција на топлинска енергија се подготвени и се во кондиција за грејната сезона. Таква информација доставиле до РКЕ и пред нејзиниот старт, а тоа се докажало и минатата недела кога два дена кога поради ниските температури беа исполнети условите за пуштање на топланите.

Бислимоски: Во високите сметки за парно имало пропусти, ќе се испорачаат нови!

По поплаки од жители на Железара и Автокоманда во општина Гази Баба за високи сметки за парно за септември, претседателот на Регулатор, Марко Бислимоски, рече дека се утврдени пропусти при изготвување на фактурите, поради што ќе бидат испорачани нови.

-Покрај за септември во сметките се исфактурирани и последните пет дена од август, а не е земена предвид и одлуката на РКЕ за намалување на цената, на овие потрошувачи за 13 проценти. Фактурите ќе бидат коригирани и граѓаните ќе добијат фактури што произлегуваат и од нашата одлука и од намалувањето на ДДВ. Фактурите ќе бидат сторнирани и на граѓаните ќе им бидат испратени нови –  најави Бислимоски.

(С.Бл.)