Бислимовски: Ако ЕВН не ги коригира високите сметки за струја, може да покренеме постапка за одземање на лиценцата

1883

Ако ЕВН не ги коригира сметките за електрична енергија на граѓаните со отчитани повеќе киловат-часови од реалната потрошувачка, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе преземе санкции кон оваа компанија. Марко Бислимовски, претседател на РКЕ, појаснува дека против ЕВН може да се покрене прекршочна постапка, но и да почне постапка за одземање на лиценцата поради непочитување на Законот за енергетика и на правата на потрошувачите.

Тој посочува дека проблемот со нереално високите сметки за струја од април се повторил и во мај, а за негово решавање, односно за корекција на сметки Регулаторната комисија досега посредувала во 150 случаи.

– Јасно сакам да им порачам на ЕВН дека од сега па натаму во однос на овој проблем ќе ги преземеме сите законски надлежности кои ни стојат на располагање и ќе започнеме со преземање на одредени санкции кон операторот на електродистрибутивниот систем. Секој потрошувач ќе плаќа онолку колку што потрошил. Ние ја разбравме ситуацијата со кризата. Имаше период кога ЕВН не ги отчитуваше броилата, кога правеше проценка, но како што ги повикавме потрошувачите да ги плаќаат своите сметки за електрична енергија, така сега, не го повикувам ЕВН, туку му наредувам, да ги прифаќа отчитаните податоци од страна на потрошувачите и веднаш да пристапи кон корекција на сметките за електрична енергија, рече Бислимовски.

Тој информира дека отсега ќе ја следат ситуацијата и ако ЕВН не преземе што му е наложено, РКЕ ќе постапува по секоја претставка поединечно.

Бислимовски појасни дека секој потрошувач има право сам да си го отчита броилото и состојбата да ја достави до ЕВН. Тие податоци може да ги испрати преку телефон, вибер, електронска апликација или мејл.

-Може да се достават на било кој начин, а ЕВН е должна по оваа достава на податоци да ја коригира погрешната фактура со повисока потрошувачка, да ја поништи и да изготви нова согласно реалната потрошувачка, рече Бислимовски.

Тој ги повика граѓаните да бараат од ЕВН да им ги коригира фактурите, а ако ЕВН не го направи тоа, да се обратат во Регулаторната комисија.

– Како што ги повикуваа да плаќаат, му наредувам на ЕВН да пристапи кон корекција на сметки за електрична енергија, револтирано изјави Бислимовски.

Како што појасни, на граѓаните кои веќе платиле нереално голема сметка во наредната треба да им биде фактурирана пониска сума. Тој ги повика граѓаните веќе да не го авансираат ЕВН на ваков начин, туку да реагираат.

Граѓаните кои се сомневаат во исправноста на броилото кое по закон е сопственост на операторот, односно ЕВН, може да побараат проверка во Бирото за метрологија. Ако броилото навистина е неисправно, сметката ја плаќа ЕВН, а ако се покаже дека е исправно, плаќа граѓанинот кој барал проверка.

(С.В.)