Настанот ќе овозможи водечките жени претприемачи од Западен Балкан да се вмрежат и да разменат искуства. Споделени ќе бидат и резултатите од Програмата за жени претприемачи за Западен Балкан (ПЖПЗБ) и најдобрите меѓународни пракси за финансирање на жените, а ќе бидат доделени и награди за најуспешните жени претприемачи и најдобрите службеници за кредитирање на бизнисите управувани од жени.
Регионалниот бизнис форум за жени претприемачи ќе трае денеска и утре, а е организиран од Програмата на ЕБОР за жени претприемачи од Западен Балкан,.
Програмата почна во октомври 2014 година со цел да го промовира женското претприемништво, да го подобри пристапот до финансирање и консултантски услуги, како и да даде поддршка на микро, малите и средни претпријатија (ММСП) од Западен Балкан кои се управувани од жени. Програмата е финансирана од ЕБОР, Луксембург, Шведска и Италија со интегриран пристап кој ги таргетира жените од микро, малите и средни претпријатија во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Досега, Програмата обезбеди 40 милиони евра преку кредити достапни во седум партнерски банки во регионот и пристап до знаење за да им се помогне на компаниите управувани од жени да станат поконкурентни. Обуки, менторство, коучинг и можности за вмрежување се исто така дел од Програмата со цел да им се овозможи на жените претприемачи да изградат мрежи за соработка, да ги зајакнат своите вештини и да споделат искуства со нивните колешки. Досега, вкупно 5.000 жени биле поддржани од оваа Програма.