„Биди одговорен, однесувај се совесно“

39

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелираат граѓаните да се однесуваат одговорно и да не фрлаат отпад или градежен шут во канализацискиот систем зашто така го затнуваат и ја нарушуваат неговата функционалност, па наместо да се одведуваат, урбаните отпадни води се слеваат по улиците. Дневните навики на граѓаните придонесуваат во заштитата на канализацискиот систем.

Екипите на „Водовод и канализација“ често се сведоци на затната канализациска мрежа во и надвор од домаќинствата, а како причина за тоа е неправилно одложен отпад од домаќинствата.

-Одводот не е место за остатоци од храна, бигор, влажни марамици, пелени и одложување на други хигиенски производи-потенцираат од „Водовод и канализација“.

Оттаму велат дека одржувањето на системот за одведување на урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување.

– При неодговорно и несовесно одлагање на отпад во системот за одведување на урбани отпадни води, се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина- посочуваат од „Водовод и канализација“.

Злоупотреба на водоснабдителниот и канализацискиот систем, граѓаните можат да пријавуваат на телефонските броеви: 02 3073 010, во Дежурно информативениот центар,  02 3240 300, во дирекцијата на ЈП „Водовод и канализација“, како и на електронските адреси: kontakt@vodovod-skopje.com.mk,  www.vodovod-skopje.com.mk,  www.facebook.com/jpvodovod.skopje.