„Четврт век ги бележев сите значајни настани, случувања во Бигорскиот манастир и во црквите и манастирите во Мијачијата, Долна Река и Дебарско, продолжувам и годинава и ќе пишувам сè додека можам…“, вели за весникот ВЕЧЕР неуморниот новинар и публицист Киро Кипроски

„Папокот како да ми е врзан за Бигорскиот манастир, ми велат, можеби тоа е  Божја промисла, така сака свети Јован Крстител, да го пишувам летописот на манстирот, да ги регистрирам сите настани, случувања, извршувањата на  послушанијата на монасите… Единствен новинар што бев на замоножувањето и на хиротонисувањето на игуменот Партениј, во чинот епископ Антаниски, што минатата година беше извршен во црквата ‘Св. Софија’ во Охрид. Четврт век ги бележев сите значајни настани, случувања во Бигорскиот манастир и во црквите и манастирите во Мијачијата, Долна Река и Дебарско, продолжувам и годинава и ќе пишувам сè додека можам…“, вели за весникот ВЕЧЕР неуморниот новинар и публицист Киро Кипроски кој на 11 септември го промовираше своето најново монументално дело за Бигорскиот манастир, монографијата „Иконата на Бистра Закрилник на Православието“.

Промоцијата на единаесетта монографија на Кипроски се одржа во Бигорскиот Манастир, во присуство на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Антаниски г. Партениј, како и свештенослужители, научни работници, верници и почитувачи на Бигорски. Промотори на книгата беа јеромонах Кирил Бигорски и новинарот Марјан Велевски. Станува збор за книга, своевиден летопис за поновата историја на Бигорскиот Манастир – за времето во кое дејствува возобновеното монаштво во него, почнувајќи од 1995 година, со доаѓањето на сегашниот Игумен, Епископот г. Партениј. Всушност, новинарот Кипроски создал еден исклучително богат фонд со над 200 написи за Бигорски во изминативе три децении кои ги објавувал по разни пишани и говорни медиуми. А сега, сите тие собрани во еден зборник, и претставуваат значајно новинарско, историографско, етнографско и црковно дело – писмено богатство не само за Бигорски, туку и за сето наше општество.

„Оваа скапоцена монографија подготвувана да се совпадне со реткиот јубилеј – десет столетија од основањето на манастирот и 25 години од возобнувањето на монашкиот живот, дава пресек на новинарската кариера на Киро Кипроски, новинар, патописец и публицист, доајен на македонското новинарство, кој е нераскинливо врзан со Бигорски уште од неговото најрано детство“, ќе посочи промоторот Велевски додавајќи дека првите слики за манастирот му се врежале на Кипроски засекогаш во сеќавањето и на одреден начин му ја одредиле иднината. „Неговата новинарска кариера е испреплетена со случувањата во и околу Бигорски, а не ретко се случувало тој да биде и активен чинител“, додава Велевски.

Прашан, пак, за поривот да ја напише и издаде монографијата, Кипроски вели дека отсекогаш бил врзан со манастирот кој е “Закрилник на Православието“. „Откога знам за себе, знам за македонското светилиште ‘Свети Јован Крстиел’, познат како Бигорски манастир, што се наоѓа покрај реката Радика, на падините на Бистра, во непосредна близина на долнореканското село Ростуше. Со моите родители, дедовци и баби, редовно за славата на манастирот (10 и 11 септември) постојано ме носеа, понекогаш и на 7 јули (Иванден – роденденот на светителот). Со другарчињата си трчавме низ манастирските чардаци и дворови, додека моите беа во црквата. Кога попораснав, второмајските излет со друштво ги минувавме на бигорските ливади, покрај реката Радика, а потоа го посетувавме Бигорскиот манастир. Оттогаш ми се роди големата љубов кон манастирот…“, појаснува тој.

Рецензентот на монографијaта, писателот Александар Прокопиев, пак, ќе посочи дека Кипроски имал своевидна среќа да ги бележи и пренесува искуствата од животот на манастирот во последниве неколку децении. „Имено, во манастирската хроника низ столетијата со постојани историски премрежија, се издвојуваат два периода кога бигорскиот храм доживува духовен, градителски и уметнички процут: едниот од 1807 година, со доаѓањето за игумен на архимандритот Арсениј, по потекло од Галичник, и вториот, од 1995 година, со замоношувањето  на сегашниот епископ Партениј. Нивната грижа за манастирот, нивното целосно вживување во неговото чување, доградба, надградба, разубавување се за огромен восхит. Кипроски, со фактот што токму во овој период е сведок и запишувач и фотограф на манастирскиот живот, се соочил со клучни настани во неговиот  развој. Ја илустрираме неговата оживеност со манастирот со фрагменти од тешките мигови во пожарот од 30 септември 2009, кога настрадаа североисточното манастирско крило. Но и во тие траурни деноноќија, не изостануваа пожртвуваната сè човечка солидарност и помош“, ќе посочи Прокопиев.

Тоа го потврдува и авторот Кипроски кога за нашиот медиум вели: „Од обновувањето на монашкото братство на Бигорскиот манастир, на чело со игуменот Партениј, годинава е 26-тата, како ревносен хроничар, во оваа прилика ќе набележам само дел од поголемите зафати, за кои сум пишувал и сум ги фотографирал, кои останаа да сведочат за растежот на ова духовно светилиште: Изградба на манастирските конци во метохот ‘Св. Ѓорѓија Победоносец’, во дебарското село Рајчица (1999 – 2001), наскоро ќе се освети новиот конак, камбанеријата, рестарвацијата на црквата и уредување на дворното место; изградба на Долни палат, во автентичниот лик од пред пожарот што се случил 1912 година, изградба на Источен палат, целосна обнова на Горни палат, по пожарот во 2009 година, изградба на црквата ‘Св. Богородица’ во село Ростуше, изградба на скит посветен на светите браќа Кирил и Методиј и на манастирски конаци, над долнореканското село Битуше, етно ресторан ‘Куќа на Мијаците’ во близина на Бигорскиот манастир, проширен и реконструиран пристапниот пат до Бигорскиот манастир, пред некој месец манастирскиот конак ги прими првите гости, во тек се активности за обновување на манстирските рибници покрај реката Радика, обновена е манастирската економија (градинарство, овоштарство, сточарство, пчеларство) и друго. Најзначајно е што монашкото братство на чело со игуменот Партениј, го повратија духот и вербата во Бога на населението во долнореканскиот и мијачкиот крај, ги возобвновија и ги негуваат вековните црковни, културни и други традиции, го развиваат манастирскиот туризам, а со тоа на пошироката јавност ги афирмираат и природните убавини и реткости во регионот“. (Н.И.Т.)