Биба Додева со староградскиот евергрин “Кафу ми драга испеци“ го заспиваше својот внук

130

Со оваа мене омилена песна често како бебе си го заспивав мојот внук Александар, злато мое на баба тој, убавец, кој во меѓувреме кога израсна, за моја љубов, го научи рефренот од песната…

Поп-пејачката Биба Додева за која добро знаеме каков моќен глас поседува, што е секако дар од бога, и која не така одамна јавно сподели во ова време-невреме дека успешно го прележа опасниот коронавирус, се врати во секојдневниот живот. Како најдобро, ако не со песна иако до песна сега баш и не и е најмногу. Биба пред некоја вечер на една македонска телевизија ја видовме како ја пее легендарната српска староградска песна “Кафу ми драга испеци“ од репертоарот на легендарниот српски пејач на изворни народни песни Предграг Гојковиќ-Цуне.

Да земеш да пееш песна од неговиот репертоар тоа не може секој пејач, а Биба и не е секој пејач. Со таков глас се вбројува во еден од петте најдобри гласови на македонската естрада. Затоа и не треба да ве чуди зошто ја пее песната од Цуне (пејачот пред некоја година за жал, почина, но остави голем број незаборавни народни песни за кои не постојат граници и бариери н.з.).

0 Од каде Биба со народната песна “Кафу ми драга испеци“, сепак од тебе очекуваме некој шлагер, поп-балада, нешто од оние забавни песни кои си ги преработила на своето последно ЦД, а најмалку очекувавме ваква песна која згора и не е македонска?
-Тоа нема врска што песната не е македонска, за мене кога музиката е во прашање не постојат граници и ограничувања. Секоја убава песна си го наоѓа патот до публиката без разлика од кој дел на оваа планета потекнува, вели секогаш веселата Биба за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, со оваа мене омилена песна често си го заспивав како бебе мојот внук Александар, злато мое на баба тој, убавец, кој во меѓувреме, за моја љубов го научи рефренот од песната. Сега и заедно си ја потпевнуваме.

0Пејачот Цуне, кој на ексјугословенската естрада беше присутен над 60 години со голема кариера, гледам тебе ти е омилен штом вака пееш токму негова песна, а ова и не ти е прв пат?
-Не ми е некој по кој лудувам, дека нешто го сакам, но оваа “Кафу ми драга испеци“ најмногу ја сакам, затоа и ја пеам. Колку што знам песната настана поодамна во Санџак, Србија, вистинскиот автор не е познат, па песната се обнароди. Така, со текот на времето стана и заштитен знак на Цуне, песна по која ќе го памтиме овој пејач. Искрена да бидам не знам јас многу песни од неговиот репертоар, но сакам да ги пеам тие стари српски и босански песни, ептен се убави, мелем за душа.

0Сега нешто друго, во врска со ова време на коронавирусот… ти јавно обелодени дека си го прележала вирусот, но еве спасот човештвото ќе го најде можеби во вакцините?

-Дај боже од целиот овој кошмар да се излезе конечно со вакцините. Засега друг лек нема, можеби допрва ќе има, ќе видиме. Освен да продолжиме со она вообичаено да не се групираме, да миеме раце, да носиме маски, да држиме растојание. Јас не сум се вакцинирала сè уште, ама сакам. Сепак, вакцината е заштита. Да ги следиме упатствата на Министерството за здравство, да им веруваме на докторите. Важно е и да се консултирате со докторите пред да се одлучите да ја примите вакцината. За секој случај!     Дуле Миќиќ