Во соработка со нејзиниот омилен другар и композитор Владимир Дојчиновски таа задоволно потенцира дека овие песни се песни кои ќе останат и за генерациите кои доаѓаат после нас

И покрај целата оваа отежната ситуација со коронавирусот, неуморната пејачка Биба Додева „пресече“, па одлучи во понеделник со почеток од 19 часот на отворениот дел, под ведро небо, на хотелот „Александар Палас“ во Скопје за новинарите и пријателите да го промовира својот најнов студиски албум насловен како „Незаборавни“.

-Времето е навистина такво, време во кое не смееме да се заборавиме, време во кое треба да другаруваме, се разбира да внимаваме поради оваа страшна инфекција, да носиме заштитни маски, да не се групираме, но не можеме да ја баталиме комуникацијата, вели Биба за весникот ВЕЧЕР, која многу се радува што после толку долга пауза пак ќе се случува промоција во живо, како некогаш.

Албумот е составен од преработки на 11 македонски евергрини и од две бонус песни од последните два фестивала на кои Биба настапила. Но иако имаше одговорна задача во соработка со нејзиниот омилен другар Владимир Дојчиновски, таа задоволно потенцира дека овие песни се песни кои ќе останат и за генерациите кои доаѓаат после нас.

Па, и токму затоа повелете на музичка дружба со една од нашите најпопуларни поп-пејачки. Биба знае да изненади! Дуле М.