Бејли: Подготвени сме да помагаме додека Македонија го менува курсот на својата иднина

63

 

По годината на храбро лидерство следат тешки стратешки одлуки кои Договорот од Преспа ги бара од демокартски избраните лидери за да го одредат најдобриот курс за земјата. САД ја поддржуваат Македонија и она што граѓаните и лидерите ќе решат дека е од најдобар интерес за земјата. Ние знаеме дека компромисите во Договорот од Преспа не се лесни, но ова навистина е историска можност за Македонија и за регионот, што ќе доведе до посигурна, побезбедна и попросперитетна иднина, изјави американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли во новогодишното интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

Запрашан што ја мотивира поддршката на САД за целосна имплементација на Договорот од Преспа и членството на Македонија во НАТО, Бејли вели дека Соединетите Држави се пријател и партнер на Македонија уште од нејзиното осамостојување пред повеќе од 25 години, а интеграцијата во евро-атлантските институции е суверен избор на земјата.

-Ние сме горди што го поддржуваме тој избор, и подготвени сме да помагаме додека Македонија го менува курсот на својата иднина. Силно ја поддржуваме целосната имплементација на Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција. Договорот ќе и овозможи на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и во ЕУ и ќе придонесе за регионалната стабилност, безбедност и просперитет. Освен тоа, заменикот државен секретар, Џон Саливан, беше во Македонија пред неколку недели и сите нè потсети дека светот драматично се промени во изминатите 20 години. Натпреварот и конфликтот меѓу големите сили се вратија на главна сцена, со лоши актери кои сакаат да го нарушат и дестабилизираат демократскиот систем. За да ги поразиме, потребни ни се силни држави, со цврсти демократски основи, слободни медиуми и раздвижени и отворени пазари. Искрено веруваме дека Македонија, целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ, ќе биде силен сојузник во нашиот заеднички просперитет и нашата заедничка безбедност, рече Бејли.

Прашан дали има план Б во случај гласањето во Парламент да пропадне, било во Македонија или во Грција, американскиот дипломат вели дека не гледа остварлива алтернатива на повидок и е оптимист дека лидерите и во Македонија и во Грција нема да ја изгубат можноста за конечно решавање на тридеценискиот спор за името.