Бетонски постамент за бандера испречен на крстосницата кај Тутунски комбинат

192

Огромен бетонски постамент од бандера за далновод е испречен на самата крстосница на улицата „Есенинова“ со булеварот „Трета македонска бригада“ кај Тутунскиот комбинат, каде што видливоста треба да биде најголема за сите, а тротоарот е сведен на 20 сантиметри. На тоа укажуваат групата скопски велосипедисти, ентузијасти „На точак“, поткрепувајќи го тоа со фотографии.

Тие сметаат дека ова е слика за непочитување на минималните стандарди, доведување во опасност на пешаците на самата раскрсница, загрозување на видливоста, нормализирана дискриминација на послабите учесници во сообраќајот и прашуваат: „Дали е дозволиво да се изведе коловоз без да се дислоцира бандера? Зошто тогаш е дозволиво да се изведе тротоар?

Со оглед на тоа што е подновен бетонот на бандерата, тие сметаат дека е планирано да си остане ова како што си е. Потсетуваат дека минималната широчина на тротоарот треба да биде 2,4 метри и во исклучителни ситуации – 1,5 метри, што е доволно растојание да се разминат двајца пешаци.

– Овде нема простор ниту за еден! На самата раскрсница каде шот е нарушена видливоста со бетонскиот постамент, пешаците треба да се симнуваат на коловозот и да се изложуваат на ризик. А лицата во колички да летаат?! – прашуваат од „На точак“ и додаваат дека ова е недозволива ситуација за улица што се гради во 2022 година.

Тие бараат да се испита дали вака е проектиран тротоарот во самиот проект, да не се испочитуваат минималните стандарди за пешаци.

– Ако е така, тогаш Град Скопје и Комората на овластени архитекти и областени инженери да побараат проектантска одговорност.  Потоа, дали во проектот е предвидена дислокација на бандерата, нејзино заобиколување со патека итн., а во изведбата не е направено тоа. Што се случило тогаш со пресметаните средства и притоа Град Скопје да побара одговорност од изведувачот или од сопствениот надзор – потенцираат оттаму.

(А.П.)