Бетовен се откажа од Десеттата симфонија, сега ќе ја доврши компјутер

226

Неколку ноти запишани во бележникот е сè што германскиот композитор Лудвиг Ван Бетовен оставил од Десеттата симфонија, пред смртта во 1827 година. Сега тим од музиколози и програмери ќе се тркаат со времето, за да го довршат делото со помош на вештачка интелегенција, воочи 250. годишнината од раѓањето на Бетовен, идната година.

„Напредокот е импресивен, иако компјутерот има уште многу да научи“, вели Кристин Сигерт, управник на архивата во куќата на Бетовен во неговиот роден град Бон.

Таа вели убедена е дека Бетовен би ја одобрил идејата, затоа што тој исто така бил иноватор, потсетувајќи на неговите композиции за музички инструменти кои репродуцираат звуци на ветер и за удирачки инструменти. Сигерт тврди дека ова дело нема да влијае на неговото наследство, затоа што никогаш нема да се смета за дел од неговото опус.

Конечниот резултат на проектот, оркестарот ќе го изведе на 28 април во Бон, каде ќе се одржи главната церемонија за одбележување на раѓањето на композиторот, кој го одбележа периодот на романтизам во класичната музика.

Бетовен почнал да работи на Десеттата симфонија додека ја пишувал Деветата, во која спаѓа и познатата „Ода на радоста“. Наскоро се откажал од Десеттата симфонија, оставајќи само неколку бележки и нацрти пред да почине во својата 57. година од животот.

Во рамките на проектот, во алгоритмот се вметнати сите негови дела, а компјутерот сега создава можни симфониски продолженија во стилот на композиторот. Дојче Телеком, како спонзор на проектот, се надева дека ќе ги користи сознанијата за развој на технологијата, како што е препознавање на глас.

Слични обиди за алгоритамско програмирање на основа на делата на Бах, Малер и Шубер не се покажаа како многу импресивни.