Бесими: Не смееме да го изгубиме правецот, целиме кон поголема транспарентност, отчетност и ефикасност

45

Во време на кризи и турбулентни времиња може да го забавиме растот, но никако не смееме да го изгубиме правецот. Покрај тоа што мораме да го адресираме на краток рок со антикризните мерки мораме да ги направиме и суштинските реформи во однос на одржливиот раст, порача министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза соработка и сигурност“ што се одржа во рамки на вториот ден од годишната конференција „Година на нови можности“ во организација на Владата.

-Се насочуваме кон зголемена транспарентност, отчетност и ефикасност, но не треба да заборавиме дека без човечки ресурси тешко дека ќе можеме да градиме институционални капацитети, рече Бесими.

Посочи дека во изминатата 2022 година и покрај сите предизвици успеавме да оствариме подобра фискална консолидација од таа што беше предвидена во Буџетот, односно наместо дефицит од 5,3 отсто имаше од 4,3 отсто. Успеавме да го вратиме, како што рече, и златното правило – капиталните инвестиции да се повисоки од дефицитот.

-Со напорите за фискална консолидација ќе продолжиме и од реформите не отстапуваме. Почнавме реформа за воспоставување современ модерен даночен систем, кој ќе значи праведност, ефикасност, транспарентност и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации, а сето тоа во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, рече Бесими.

Даночната реформа која како концепт ја воспоставивме, посочи, не значи зголемување на даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободување, кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници.

– Експанзивна фискална политика која беше водена во периодот на пандемијата, преку таргетирана поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и социјална помош за невработените и ранливите категории на граѓани, резултираше со пораст на буџетскиот дефицит на 8,1 отсто од БДП во 2020 година, придонесувајќи за нагло зголемување на јавниот долг на 59,7 отсто од БДП,  достигнувајќи рекорден јавен долг од 61 отсто во 2021 година. Со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека на крајот на минатата година се спушти на ниво од 57,1 отсто од БДП, рече Бесими.

Тој потенцира дека значајно е тоа што нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е  под Мастришкиот критериум (60 отсто).

-Буџетскиот дефицит, исто така, може да кажеме дека се движи во рамки на Мастришките критериуми од 3 отсто од БДП. Ако се земе предвид дека од остварениот дефицит од 4,3 отсто околу 2 отсто отпаѓа на справување со кризата, ние сме постигнале дефицит кој е во рамки на европските правила, истакна Бесими и додаде дека тој тренд на намалување на дефицитот продолжува и од почетокот на оваа година, а бројките покажуваат дека е за 35 отсто понизок од остварениот дефицит во тој период од 2022 година.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, истакна дека во периодот на пандемијата монетарната политика обезбедуваше поддршка на фискалната политика, а сега, како што кажа, за справување со инфлацијата и одржување на стабилноста на девизниот пазар на монетарната политика и е потребна поддршка од фискалната политика.

-Затоа од исклучителна важност е да се продолжи со прудентна монетарна политика и фискална политика, втемелени на добро таргетирани и временски ограничени мерки насочени кон најранливите сектори за краткорочно ублажување на ефектите, но уште поважно и на капитални инвестиции, кои ќе го зголемат долгорочниот потенцијал за раст и заедно со структурнитe реформи ќе ја поддржат трансформацијата на економијата, рече Ангеловска-Бежоска.

Добро е, порача, што во 2022 година успавме да го смениме трендот на инфлацијата истовремено држејќи го реалниот сектор во позитивна зона на раст, а сето тоа беше потпомогнато и од банкарскиот систем. Истакна дека се уште е висока инфлацијата иако, како што рече, почна да се движи во надолна насока, висок е и јавниот долг, а се уште се високи и притисоците во енергетскиот сектор заради високиот трговски дефицит.

-Од перспектива на Централната банка мора да останеме фокусирани на одржување на макроекономската стабилност, а преку тоа да даваме придонес и за долгорочен раст, истакна Ангеловска-Бежоска.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска рече дека должност на УЈП е да воведе целосна дигитализација на процесите и модернизација  на услугите кон даночните обврзници, да се намалат бирократските процедури и да се зголемува ефективноста и ефикасноста на постапките.

Со тоа, потенцира,  ќе  го стегнеме  обрачот за неформалната економија, а за  формалните бизниси  ќе обезбедиме  фер пазар и конкуренција.

-Електронска фактура, е процес кој го подготвуваме оваа година, а ќе овозможи издавање, достава и прием на фактура во електронски формат преку единствениот систем на Управата за јавни приходи, во кој ќе се евидентираат сите фактури кои произлегуваат од прометот помеѓу даночните обврзници, владините институции, крајните приматели на добра и услуги, како и интернет продавниците. Со е-фактура ќе се спречи  непријавување  данок при трансакции во е-трговија  ќе се зголеми ефикасноста на контрола и сузбивање на измамите со ДДВ, односно фиктивни фактури, а контролите да ги насочиме кон високоризични обврзници, рече Лукаревска.

Нагласи дека сите проекти може да се имплементираат само со координиран пристап и институционална поддршка на една институција со друга. На тој начин, додаде, може да се спроведат и сите стратегии.

-Мораме така заеднички да ги пребродуваме кризните периоди, истакна Лукаревска.

Академик Абдулменаф Беџети порача дека се неопходни даночни реформи согласно Стратегијата донесена пред повеќе од една година и додаде дека фискалната историја од пред еден век, па се до денес, вклучувајќи ја и последната инфлациска и енергетска криза ни покажува дека токму големите економски кризи се причина повеќе за забрзување на реформите, а не обратно.

-Имајќи предвид состојбите на постојниот даночен систем, дека е многу регресивен, дека даночната база е со изразени условни олеснувања и ослободувања, дека е недоволно конвергентен со даночните системи на земјите членки на ЕУ, дека нема флексибилни решенија за оданочување на растечките добивки како резултат на криза, дека изразито се оданочува доходот од плати во однос на капиталните доходи и добивките, дека нема соодветни еколошки даночни решенија, дека се уште степенот на даночна дигитализација не одговара на предизвиците на времето, дека онлајн набавките не се ефикасно под контрола и како таков се уште генерира висока стапка на неформална економија, неминовни се даночните реформи согласно новата концепција и стратегија донесена пред повеќе од една година, рече Беџети.

Препорача да побараме повисока општествена одговорност од компаниите, а како што рече, уште поголема политичка одговорност од политичарите и институциите како ги трошат јавните пари.

-Тоа го препорачувам зашто по 30 години долга и заморна транзиција во некои аспекти тапкаме во место со големи приоритети во делот на образование, здравство и создавање услови да ги задржиме младите. Ако продолжи вака да се празни земјава по пет или 10 години ќе нема ниту на кого да му продадеме ниту, пак, кого да вработиме, посочи Беџети.

Советникот на премиерот Глигор Бишев потенцира дека монетарната политика ќе остане примарен инструмент за соборување и контрола на инфлацијата, преку повисоки каматни стапки и забавување на растот на кредитите.

Фискалната политика, според него, ќе го поддржи соборувањето на инфлацијата преку намалување на буџетскиот дефицит. Истовремено преку алоцирањето на значителни средства за инвестиции во инфраструктурата, таа ќе го поддржи растот и конкурентноста на економијата. Тоа, како што рече, ќе биде оптимален микс кој ќе ги оствари крајните цели на стабилност на цените и позитивен економски раст.

-Фискалната политика на краток рок мора да ја зголеми ефикасноста на јавните расходи, бидејќи без тоа на долг рок не може да се создадат поддржувачи за даночни реформи. Монетарната политика, пак, мора да ги усидри инфлаторните очекувања, рече Бишев.