Беседата „Прличев и ние“ под шифра „Гроф“ најдобра на конкурсот на охридската библиотека

38

Беседата „Прличев и ние“ под шифра „Гроф“ е најдобра на конкурсот што охридската библиотека „Григор Прличев“ го распиша во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2023 година.

На конкурсот, како што соопшти Библиотеката, пристигнале седум беседи, кај кои комисијата ја оценувала нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина.

Втората награда е за беседата под шифра „Ѕвезда“, а третата за шифра „Информатичарот“. Добитниците на наградите, како што е наведено, треба да го докажат својот идентитет со примерок од испратената творба.

– Целта на конкурсот беше да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот говорен израз, стои во соопштението од Библиотеката.

Наградите на најдобрите тројца автори ќе им бидат врачени на 6 февруари на манифестацијата „Прличеви беседи“ во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Конкурсот „Прличев и ние“, што прв пат го организира охридската Библиотека беше отворен за сите млади од 15 до 30 години од општините Охрид и Дебрца.