Од матични лекари, болнички и клинички третман, младото момче од Берово не успеа да се спаси од смртта настаната поради компликации предизвикани од загноен заб. ДСЗИ со детална контрола на сите здравствени институции, а Судска медицина му го предаде обдукцискиот наод на Обвинителството, кое, пак, дополнително треба да се изјасни за случајот, да го утврди виновникот и да отвори обвинителен акт

Инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по допрен глас за починатиот 25-годишен пациент од Берово по хируршка интервенција на заб, деновиве извршија вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што се јавил пациентот на преглед.

Тие ја контролирале неговата здравствена состојба, која завршила со смртен исход, по ред – прво кај матичниот стоматолог, матичниот лекар и потоа кај Итната медицинска помош – Берово, ЈЗУ Клиничка болница – Штип и ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар – Скопје, каде што починало момчето.

Починатото лице Ј.Д. на 10 август се јавило кај д-р Слободан Рушковски во Берово, кој бил негов матичен стоматолог. При стоматолошкиот преглед е утврдено присуство на огромен оток на десната страна без можност да се изврши орален преглед поради болка и присутен тризмус (вкочанетост на долната вилица). Веднаш е креиран специјалистички упат до специјалист по орална хирургија при ПЗУ Д-р Чавков – д-р Бајрактаров, специјалистичка ординација по орална хирургија во Струмица, во мој термин, за 09:30 часот на 11 август, но упатот не е реализиран, односно пациентот не се јавил на преглед. Препишана е и антибиотска терапија од страна на матичниот стоматолог. По препорака на матичниот стоматолог, пациентот се јавил и кај матичниот лекар, кој му препишал друг антибиотик и друга супортивна терапија.

На 13 август (сабота) во 22:30 часот, поради болка и оток, пациентот повторно се јавил на преглед, при што, како итен случај, повторно е упатен до специјалист, но овој пат специјалист максилофацијален хирург при ЈЗУ КБ Штип –информираат од ДСЗИ и дополнуваат дека во дежурната амбуланта од страна на лекарот е извршен преглед, ординирана е терапија, направен РТГ на глава и запис за прием на болничко лекување. По приемот на хируршкото одделение, извршени се екстракција на забот и киретажа, но бидејќи не е воспоставено спонтано дренирање, извршена е екстраорална длабока инцизија со поставување лашва за пасивна дренажа – објаснуваат од ДСЗИ.

Пациентот е задржан на болничко лекување до 19 август, од каде што по подобрување на здравствената состојба, по извршена контрола на медијастинумот со цел утврдување дистално ширење на инфекцијата, направен е контролен РТГ на белите дробови и добиен уреден наод, направени се контролни лабораториски испитувања, со препорачана терапија е испишан на домашно лекување. Закажана е контрола за два дена, односно за 21 август.

На 19 август, во индивидуалниот картон е заведен извештај (прилог кон отпусно писмо) од ЈЗУ КБ Штип – Максилофацијална хирургија од д-р Владимир Милошев со назначена терапија.

– Од увидот во амбулантскиот дневник на Итната медицинска помош – Берово, на 21 август во вечерните часови заведен е преглед на пациентот Ј.Д., кој побарал здравствена помош поради општа лоша состојба со постоечка инцизиона рана со дрен. Извршени се тоалета и преврска на раната, ординирана амп. „диазепам“, дадена оксигена терапија (кислород). Даден му е „парацетамол“ за дома, со напомена ако е потребно, веднаш, повторно да се јави на преглед на ИМП. На 22 август, во 02:30 часот, пациентот Ј.Д., со придружба од семејството, повторно дошол во ИТМ – Берово, каде што, поради влошена општа состојба, му е ординирана терапија физиолошки р-р 500 мл и амп. и со возило на ИМП – Берово, во придружба на медицинска сестра, е транспортиран до ЈЗУ КБ – Штип, каде што веднаш е примен – информира Инспекторатот.

Како што информираат од ДСЗИ, на 21 август пациентот се јавил на контрола во Штип, каде што е извршена преврска на инцизионата рана и повторно му е закажана контрола за 23 август.

– На 22 август во 04:40 часот, поради влошена состојба (обилно крвавење од инцизионата ектраорална рана, фебрилен, со отежнато дишење и намалена сатурација) со возило на Итната медицинска помош од Берово е донесен во ЈЗУ КБ – Штип. По пристигнувањето, веднаш е спроведен во операциона сала, извршена е интубација и со општа анестезија, пристапено е кон оперативна интервенција. Истовремено, земени се два бриса – не се најдени патогени бактерии според лабораторискиот извештај, додека резултатот од хемокултурата за време на инспекцискиот надзор сè уште е во тек – велат од ДСЗИ.

Истовремено, телефонски е побарана консултација со професор д-р. Даница Поповиќ, спец. максиолофацијален хирург од ЈЗУ УК – Максилофацијална хирургија во Скопје, која лично пристигнала во 08:30 часот на 23 август и дала насоки пациентот да не се транспортира во таква состојба во Скопје, туку во наредните 24 часа да биде следена неговата состојба на Одделението за интензивна нега со реанимација во ЈЗУ КБ – Штип.

Но, поради влошување на состојбата, со болничко возило и во придружба на специјализант доктор по анестезија и главна медицинска сестра на анестезија е пренесен на ЈЗУ УК – Карил во Скопје.

– Пациентот е примен во крајно тешка состојба, со знаци за септичен шок. Веднаш се преземени сите мерки за интензивно лекување, мониторинг, иследувања и терапија. Пациентот доаѓа со веќе извршено дијагностичко иследување КТ на белодробието по кое, поради итноста на ситуацијата, е повикан торакален хирург, кој по преглед на компјутерскиот наод, поставува торакален дрен. И покрај сите преземени мерки согласно со протокол, кај пациентот настапува смрт на ден 24 август – информира ДСЗИ.

На телото на починатото момче е направена обдукција од страна на Институтот за судска медицина, а наодот е доставен до Обвинителството, кое дополнително треба да се изјасни за случајот и дали ќе отвори обвинителен акт.

(В.Ма.)