Бериша ја обвини американската амбасадорка за нарушување на односите меѓу Албанија и САД 

64

Лидерот на фракцијата на опозициската Демократска партија и поранешен албански претседател, Сали Бериша, обвини дека американската амбасадорка Јури Ким е единствениот дипломат во историјата кој ги нарушил односите меѓу Албанија и САД, јави дописничката на МИА од Тирана. 

Според Бериша, однесувањето и постапките на амбасадорката во Албанија „немаат ништо заедничко со западните вредности на слободните земји, со принципите и членовите од меѓународните конвенции кои го почитуваат суверенитетот и законите на една земја, но пред сè почитување на волјата на избраните граѓани“. 

 – Во 100 години дипломатски односи меѓу двете земји, никогаш немало американски дипломат кој ги нарушил албанско-американските односи повеќе од Јури Ким. Нејзиното однесување и делување во Албанија немаат ништо заедничко со западните вредности на слободните земји, со принципите и членовите на меѓународните конвенции кои го почитуваат суверенитетот на една земја, ги почитуваат законите на една земја, но пред се ја почитуваат волјата на избраните граѓани. Таа изврши крајно недостојна активност за претставник на слободна земја, земја партнер, земја пријател, рече Бериша. 

Тој додаде дека таа си дозволила, заканувајќи им се, да ги повика пратениците во Собранието против него.   

 Флагрантно кршење на суверенитетот на една држава се нејзините закани, навреди кон демократите, дека ќе јадат трева ако го поддржат Сали Бериша, барањето Сали Бериша да не влезе во Собранието, откако го доби мандатот од народот, повикување да електоратот за тоа кого треба, а кого не треба да гласа, противење кон секоја конвенција со закани за судството, тоа се нејзини грди дела, за кои гарантирам дека доколку ги немаше двата фактори, чувствата и воодушевувањето, моите и на моите поддржувачи за САД и варварската руска агресија врз Украина, наведената госпоѓа никогаш немаше да биде толерирана. Со мирни протести мирно ќе беше побарано од неа да ја напушти Албанија што е можно поскоро, рече Бериша. 

Изјавата на  Бериша доаѓа по веста дека на амбасадорката набрзо и завршува тригодишниот мандат, што го почна во јануари 2020 година. Откако САД во мај минатата година го прогласија за персона нон грата Бериша редовно е со остар и навредлив речник кон амбасадорката Ким.