Бензинот се доближи до 80 денари за литар, растот на струјата и гасот не запира, инфлацијата ќе оди нагоре

Најавата на бизнис заедницата дека растот на цените на храната предизвикан од порастот на цените на енергенсите нема да запре во наредните месеци ја потврди и Народна банка која најави умерена нагорна ревизија на проектираната инфлација од 2,2 отсто. За колку очекуваат да се зголеми, ќе соопштат наредниот месец. Додека нашата Влада размислува што да прави и какви мерки да преземе после изборите, другите држави веќе преземаа конкретни чекори за заштита на стандардот на граѓаните

544

Растот на цените на енергенсите станува неподнослив и додека европските земји веќе преземаа конкретни мерки за да го решат овој проблем кој претставува сериозна закана за инфлацијата и за стандардот на граѓаните, кај нас се уште без решение. Надлежните смируваат дека нема причина за паника и оти струјата за домаќинствата нема да поскапи до Нова година. Најавата на бизнис заедницата дека растот на цените на храната предизвикан од порастот на цените на енергенсите нема да запре во наредните месеци ја потврди и Народна банка која најави умерена нагорна ревизија на проектираната инфлација од 2,2 отсто. За колку очекуваат да се зголеми, ќе соопштат наредниот месец. И за цената на бензинот која се доближи до 80 денари за литар од Владата велат дека состојбата се следи, нема потреба од загриженост и оти не смеат да интервенираат затоа што има избори.

Од Владата го повторуваат ставот дека додека трае изборниот процес Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од Буџетот. Такви мерки доколку се усвојат, ќе бидат донесени после изборите.

И покрај тоа што порастот на цената на струјата и гасот беа неизбежни, сепак експертите коментираат дека доколку се реагираше навреме и ако електричната енергија порано беше резервирана и платена на Берзата за енергија во Будимпешта (HUDEX), како што направија некои европски земји ќе се избегнеше кризата и енормниот пораст на цената на струјата, коментираат експертите.

– Македонија не го сфати сериозно предупредувањето и не успеа навреме да ги заштити компаниите и граѓаните. Другите европски земји навреме преземаа мерки, така на пример Шпанија ја резервира, односно однапред ја плати цената на берзата HUDEX и обезбеди електрична енергија по пониски цени. И другите европски земји преземаа мерки да се справат со енергетската криза. Од друга страна, пак Србија на пример има директен гас од Русија и има гасни централи за производство на струја и стабилно снабдување со електрична енергија. И ние доколку имавме стратешка енергетска програма денеска ќе имавме сопствено производство на струја и немаше да зависиме од никого, вели за ВЕЧЕР, Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанска комора за енергетика на Македонија.

Во меѓувреме, европските земји веќе преземаа конкретни мерки за да го заштитат стандардот на граѓаните. Чешка го укина ДДВ-то за струја и гас поради големиот пораст на цените на енергијата. ДДВ-то, кое изнесува 21 отсто, нема да се наплатува во ноември и декември. Владата планира следната година да направи законски измени за трајно исклучување од ДДВ на снабдувањето со електрична енергија и гас. Привремено укинување на ДДВ-то на струјата и гасот има во Данска.

Франција ќе дава „ваучери за бензин“ за да им помогне на домаќинствата со ниски приходи да се справат со зголемените цени на горивото. Моментално се обезбедени ваучери за енергија за скоро 5,5 милиони домаќинства во Франција. И Германија размислува да им помогне на сиромашните преку директни субвенции за греење.
Хрватската влада донесе уредба со која на 30 дена се ограничува цената на горивата, а доколку е потребно по истекувањето на овој рок ќе ја разгледаат можноста за дополнително двомесечно продолжување на мерката. Во Србија, пак, според најавите на властите, промена на цените нема да се случи до пролет, поточно до завршувањето на грејната сезона.

Помош најавија Грција, Италија, Шпанија и Полска. Цената на струјата на светските берзи веќе стигна 200 евра за мегават-час.

(А.С.)