Бензема е брутален веќе 10 години

84

Легендарниот репрезентативец на Бразил, Роналдо Луис Назарио де Лима, кој е далеку попознат само како Роналдо, на својот инстаграм профил откри кој според него е главен фаворит кога е во прашање најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет – „Златната топка“ на Франс Фудбал. Поранешниот фудбалер на ПСВ, Барселона, Интер, Реал (М), Милан и Фламенго откри дека типува на голгетерот на „кралскиот клуб“, Карим Бензема.

Роналдо никогаш не криел дека е голем фан на францускиот интернационалец и даде неколку аргументи поради кои смета дека Бензема треба по првпат да ја освои престижната награда.

  • Без дилема, мојот кандидат за „Златната топка“ е Карим Бензема. Најдобриот напаѓач на целиот свет е на брутално ниво веќе 10 години и станува збор за шампион над шампионите. Дали не е така?, напиша Роналдо на својот инстаграм профил.

Според фудбалските медиуми, најголем фаворит за престижната награда е аргентинскиот интернационалец од редовите на францускиот гигант ПСЖ, Лионел Меси, како и репрезентативецот на Италија и фудбалер на Челзи, Жоржињо. „Златната топка“ ќе биде доделена на крајот од ноември, а дневниот весник ВЕЧЕР е единствениот медиум од Македонија кој секоја година гласа за престижната награда.