Белчишко Блато ќе биде дел од европската еколошка мрежа „Натура 2000“

44

Белчишко Блато со слатководните извори и евловата шума претставува живеалиште на бројни ендемични и други видови. Владата го прогласи Белчишко Блато за заштитено подрачје во категорија парк на природата. Согласно со Законот за заштита на природата во однос нацрт-законот за прогласување на Блатото за заштитено подрачје, ќе се одржи јавна расправа, а Законот ќе биде предложен до Собранието за конечно усвојување.

Една од најзначајните ЕУ-политики и инструменти во областа на заштитата на природата е ЕУ-директивата за живеалишта и птици, како основа за воспоставување на европската еколошка мрежа „Натура 2000“. Таа е една од наголемите мрежи на заштитени подрачја во Европа и претставува клучна алатка за заштита и зачувување на природните живеалишта, растителните и животинските видови.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, вчера го посетија Белчишко Блато во Општина Дебрца, локалитет што е во фаза на прогласување на строго заштитена зона, како парк на природата.

– Во рамки на тековниот проект поддржан од ЕУ, планирани се активности и идентификација на нови подрачја во земјава. Белчишко Блато е идентификувано како идно потенцијално „Натура 2000“ подрачје. Министерството со национални експерти, преку тековниот ИПА-проект, ќе спроведе научни истражувања со цел пополнување стандардни формулари за идните идентификувани „Натура 2000“ подрачја во земјава. Преку компонента за комуникација со засегнатите страни, ќе изработиме промотивен материјал и кампања за да бидеме подобро информирани и запознаени со тоа каква природна вредност поседуваме и како треба да се однесуваме кон неа – рече таа.

Шукова нагласи дека Министерството ѝ посветува големо внимание на имплементацијата на меѓународните договори, меѓу кои и Конвенцијата за биолошка разновидност, а преку глобалната мрежа за биодиверзитет, се пристапува кон нови модели за градење одржливо финансирање за заштита на природата.

– Секоја година ги зголемуваме финансиите за заштита на природата, затоа што заштитата на биодиверзитетот е еден од клучните столбови на европскиот Зелен договор и на Зелената агенда за Западен Балкан, а Република Северна Македонија го следи примерот на ЕУ и соработува со соседните земји за забрзување на агендата за закрепнување до 2030 година, со придобивки за луѓето, климата, планетата… – рече, меѓу другото, министерката.

Од своја страна, евроамбасадорот Гир потсети дека „Натура 2000“ претставува најголема координирана мрежа на заштитени подрачја и области во светот, а на овој ден фокусот се става на животната средина, која е клучна за севкупната благосостојба.

– Прогласувањето на едно подрачје за заштитено е првиот важен чекор, но тој треба да биде проследен со посветеност во неговото управување, што ќе овозможи ефикасен и одржлив развој и соодветни финансиски ресурси. На само неколку километри оттука е Охридскиот Регион, каде што може да се забележат проблемите настанати од несоодветното управување. Таму се потребни неодложни акција и координирање во дејствувањето за негова заштита. Северна Македонија ги отвори преговорите за присоединување кон ЕУ, а исполнувањето на поглавјата што се однесуваат на животната средина е сложено и скапо. Затоа сме ние тука, да помогнеме, даваме помош и ќе продолжиме да помагаме за достигнување на стандардите – рече Гир, кој ја искористи можноста да го поздрави напредокот во активностите што ги спроведуваат ресорното Министерство и локалните власти во насока на заштита на животната средина.

Како есенцијални во остварувањето на еколошката агенда, тој ги посочи Министерството за животна средина, националната власт, локалните власти, граѓанскиот сектор и медиумите, за кои рече дека заеднички може да направат исчекор и да донесат напредок во насока на зачувување на неповторливите природни убавини и реткости за наредните генерации.

Белчишко Блато е едно од најдобро зачуваните блата во земјата, со недопрена средина, дом на бројни видови риби, водоземци, влечуги, цицачи, инсекти, растенија… Еколошкиот активист Ѓоко Зороски рече дека спроведените систематски истражувања на Белчишко Блато покажале дека тоа е најголемото и најзачувано такво подрачје во земјата, со површина од 400 хектари.

Во него се наоѓа најголемата евлова шума во Македонија, која зафаќа површина од 31 хектар и како таква е ставена на приоритетната листа на „Натура 2000“. Последните хидрогеолошки истражувања покажуваат дека Блатото има извори со издашност од најмалку 2,5 кубни метри вода во секунда, што е доволно, теоретски, да се снабдува град од некаде 400 илјади жители со вода.

– По изворите кај Свети Наум, Белчишко Блато е второ по издашност извориште во Охридскиот Регион. Имајќи ги предвид климатските промени и недостигот од вода, Блатото е стратешки ресурс за државата и во хидролошки аспект, покрај биолошката разновидност што ја поседува – рече Зороски.