Белгија ќе стане втората земја од ЕУ, по Австрија, која институционално го признава будизмот

40

Се очекува Белгија денеска, откако федералната влада го усвои предлог-законот, и официјално да го признае будизмот, отворајќи го патот за федерално финансирање, официјални будистички свештеници и предавања за будизмот во училиштата.

Белгиската будистичка унија уште во 2006 година побара признавање на оваа источна религија.

Унијата проценува дека во Белгија живеат 150 илјади будисти, а единствената земја од ЕУ која институционално го признава будизмот е Австрија.

Во моментов има шест официјално признати религии во Белгија: римокатоличка, православна, еврејска, англиканска, лутеранска и исламска, која беше признаена во 1974 година.

Будизмот ќе биде признат од белгиските власти како „неконфесионална филозофска организација“, а од 2002 година овој статус во Белгија го има организираниот секуларизам.

Со признавањето будистите би можеле годишно од федералниот буџет да добиваат до 1,2 милиона евра.

Откако ќе биде одобрен од парламентот, законот ќе го отвори патот за создавање локални институции, распоредување на будистички свештеници во пристаништата и аеродромите, затворите, војската и болниците и учење на будизмот во образовниот систем.