Белгија ги затвора границите, казни од 4000 евра и 3 месеца затвор за непочитување

71

Министерот за внатрешни работи на Белгија, Питер Де Крем, најави дека земјата ќе ги затвори своите граници освен за неопходни патувања и превоз, јави дописничката на МИА од Брисел.

Бројот на заразени расте секојдневно во Белгија и властите очекуваат оптоварување на здравствениот систем во текот на овој викенд.

Министерот за внатрешни работи вечерва се обрати на јавноста и најави дека границите се затвораат освен за неопходни случаи, како на пример превоз на суштински производи и опреми или враќање на белгиските граѓани заглавени надвор од земјата.

Одлуката е донесена по интензивни консултации со сите соседни држави, рече министерот.

Конкретно тоа значи дека од денеска има контроли на граничните премини за да се оцени дали преминувањето на границата е неопходно, а забрането е и да се патува внатре во земјата доколку не е неопходно.

Туристичките патувања во Белгија се посебно забранети и контролите на границите од сега се применуваат, изјавија од кабинетот на министерот.

Полицијата е подготвена да ги контролира патиштата, пристаништата, железничките и аеродромите.

Непочитувањето на овие мерки се казнува до четири илјади евра и/или три месеци затвор.

Што се однесува до прекуграничните работници кои мораат да одат на работа, работодавецот мора да им издаде оправдание. Информирани се властите на соседните земји.