„Бела ноќ“ на 13 локации низ градот и бесплатен превоз

140

Скопјани по 17 пат ќе имаат можност да уживаат во културно – забавната програма во рамките на „Бела ноќ“ која ќе се одвива во сабота навечер на 13 локации низ градот. Многубројните уметници кои ќе им се претстават на граѓаните со концерти, изложби, кино проекции и други културни перформанси, ќе го претворат  Скопје  во центар на културните случувања во државата.

Поради состојбата со пандемијата со КОВИД 19, „Бела ноќ“ и годинава, како и минатата година се одржува една недела порано од предвиденото. Официјалната програма ќе започне утревечер во 19 часот и ќе трае сѐ до полноќ, а поради состојбата со коронавирусот, работното време на локалите ќе остане исто, односно нема да работат во текот на целата ноќ.

Сите настани ќе се одвиваат според протоколите предвидени од Министерството за здравство, на сите локации ќе биде поставена редарска служба и при влез во локацијата  посетителите ќе треба да покажат потврда за вакцинација.

Од утревечер 18 часот до 5 часот в недела ќе има бесплатен јавен превоз, а во функција ќе бидат и дел од ноќните линии (2, 5, 7, 22, 24, 41, 50, 57 и 65 В).