Бектеши на саем на бизниси во Сарај: Со поддршка на бизнисот до нови работни места и поголеми плати

85

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска присуствуваше на Саемот на бизниси од општина Сарај, кој се одржа во организација на фондацијата “Албиз”, каде во своето обраќање пред присутните компании кои изложуваат на саемот истакна дека нивната бројност зборува за нивната успешност и желба да растат и да се развиваат, што, потенцира, е и стратешка определба на оваа Влада.

-Нашата држава е на добар пат, а за тоа најдобро говорат фактите кои покажуваат раст во скоро сите позначајни економски области во текот на 2019 година. Со посветена работа и многу конструктивни средби со сите засегнати страни успеавме да ги стабилизираме економските текови и состојби, рече Бектеши.

Македонската економија, додаде, во првите три квартали минатата година забележа раст од 3,6 отсто, а за две години отворени се над 50 илјади нови работни места, со што успеавме да ја намалиме невработеноста на рекордно ниски 17,1отсто.

-Кaко резултат на мерките на Владата за субвенционирање на придонесите, континуирано се зголемуваат платите.Тоа ми дава право да кажам дека реалниот сектор, односно компаниите кои работат во земјава се носители на економскиот раст. Компаниите растат и се развиваат, се зголемува обемот на нивното производство, се подобрува продуктивноста, расте нивната конкурентност на домашниот и странските пазари, истакна министерот Бектеши.

Тој потсети уште еднаш на поддршката која што ја имаат компаниите од Планот за економски раст и ги повика да ги искористат сите можности кои што им ги нуди државата, да направат храбри чекори кон нови инвестиции.

Информираше и дека покрај Планот за економски раст, реалните економски политики преточени во неколку програми наменети за компаниите дадоа резултати во зголемување на конкурентноста, засилена трговска активност и зголемен извоз.

-Само во Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година, поддршката за компаниите ја зголемивме, односно бизнис субјектите имаа на располагање над 53 милиони денари, со кои обезбедивме поддршка за развој на над 150 претпријатија. Годинава фирмите имаат исто толку средства поделени во четири дела: за мали и средни претпријатија, за индустриска политика, со посебен акцент на субјектите од преработувачката индустрија, за кластерско здружување и за општествено-одговорно работење, појасни Бектеши.

На компаниите присутни на Саемот им посака успех во деловните активности во 2020 година, и вети дека Владата ќе ги следи се со цел за подобрување на бизнис климатата во земјата.

На Саемот, покрај Бектеши пртисуствуваше и градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети.