Без решение за Рекет, нема датум со ЕУ!

122

Без решение за истрагата за случајот „Рекет“ во кој е вмешана и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, може да се поткопаат изгледите на С.Македонија за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, порача американскиот заменик помошник државен секретар Метју Палмер во интервју за Гласот на Америка на српски јазик.

-Ова се сериозни обвинувања и таквите сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ние поддржуваме целосна, темелна и транспарентна истрага на овие обвиненија и, ако има докази, и соодветно обвинение. Ова е навистина можност за властите во Северна Македонија да демонстрираат почитување на владеење на правото, вели Палмер во интервјуто.

Според него, за почеток на преговорите со ЕУ, освен решавањето на случајот „Рекет“ важно е и донесувањето на Законот за јавното обвинителство, односно постигнување договор меѓу владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе биде одредена судбината на СЈО кое го досега го раководеше Катица Јанева.

-Веруваме дека С. Македонија заслужи да добие можност за почеток на преговори оваа година но, особено важни ќе бидат сигналите што Владата ќе ги испрати и донесувањето на законот за СЈО, вели тој.

Во однос на законот кој е предуслов за добивање датум за преговори, Палмер ги прекорува и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ инсистирајќи низ преговори да ги надминат разликите и да се договорат за начинот на кој ќе се реформира или модифицира функционирањето на СЈО, во функција на интересите на државата.

-Доволно беше политизирање. Времето на политизирање помина. Сега е време за државништво, изјавил Палмер.