Без проблеми започна гласањето во неколку општини од Тиквешијата, во Делчево, во Битола…

84

Без проблеми започна гласањето на локалните избори во неколку општини од Тиквешијата.

Ѓорѓи Крстевски, претседател на Општинска изборна комисија Росоман, информираше дека во избирачкиот список се регистрирани 3.341 лице со право на глас. Се гласа на десет избирачки места.

Благој Јовановски, претседател на комисијата во Демир Капија, соопшти дека вкупниот број на гласачи е 3.163, а отворени се 11 избирачки места.

Од кавадаречката и неготинската изборна комисија исто така потврдија дека гласањето почнало без проблеми.

Во Делчево без проблеми на 36 гласачки места започна гласањето за Локалните избори 2021. Право на глас во Делчево имаат 14.736 лица, од кои согласно избирачкиот список 13.569 се на територијата на Општина Делчево, додека 1167 граѓани од списокот се на привремена работа или со престој во странство.
Дел од граѓаните на Делчево кои гласаат на 15 избирачки места веќе го остварија своето право на глас, додека процесот започна навреме и на 21 избирачко место во околните села.
Во рамки на вчерашниот ден, како што информираа од Општинската изборна комисија во Делчево, од вкупно пријавени 237 болни и изнемоштени лица, своето право на глас го оствариле 217 лица.

 

Општинската изборна комисија во Битола информира дека утрово во 7 часот почна изборниот процес во кој според Единствениот избирачки список може да учествуваат 80.882 граѓани со право на глас.

Изборниот процес се реализира на 170 избирачки места во Општина Битола, потврди Игор Талевски, претседател на ОИК-Битола.

На Локалните избори во Битола евидентирани се шестмина кандидати за градоначалник и 14 листи со кандидати за членови на Советот на Општина Битола