По две недели силни физички тренинзи и потоа уште две на тактичко-технички план, македонската одбојкарска репрезентација има само уште неколку дена работа во Маврово. На собир се петнаесетмина играчи, а од списокот на селекторот Никола Матијашевиќ сега недостасува само Марко Јуниор Стошиќ.

Повредата на стомачните мускули значи дека тој не само што нема да работи деновиве со тимот, туку и нема да патува во Крајова на првите контролни мечеви претстојниот викенд, соопштија од ОФМ. Со оглед дека се приклучи подоцна и се уште физички не е на потребното ниво, против Романците нема да игра ниту Александар Милков.

„Спартанците“ се подготвуваат за Европското првенство кое ќе се игра од 12 до 29 септември, а Македонија е во група со Финска, Турција, Русија, Белорусија и домаќинот Словенија.