Уште една фотографија од човечка несреќа го заобиколи и шокираше светот. Таткото и ќерка му, која немаше наполнето ни две години, беа пронајдени мртви на мексиканскиот брег од реката Рио Гранде.

Сакајќи да дојде до американскиот брег, таткото ја пикнал ќерка си под маичката, а девојчето го прегрнало околу вратот. На целта, за жал, не стасаа.

Најновата потресна фотографија многумина ги потсети на онаа од 2015 година кога на плажа во Турција беше пронајдено телото на детенце од Сирија.

Како што пишува Си-Би-Ес, Оскар Алберто Мартинез Рамирез (26) и ќерка му Валерија тргнале кон Тексас.

-Гледајте како ја заштитил, умреа во прегратка. Фотографијата е шокантна, но во исто време ме исполнува со нежност оти знам дека нашата Валерија ја чуваше до последен миг, вели мајка му на Оскар и баба на Валерија.

Не сакале да чекаат решение за азил, па Оскар со сопругата Ванеса Авалос и малата Валерија тргнал на долгиот пат од Ел Салвадор во САД. Во неделата стасале во мексиканскиот град Матаморос каде сакале да поднесат барање за азил. Но сфатиле дека таа процедура трае трае со недели па решиле да ја препливаат Рио Гранде и да им се предадат на Американците во Тексас.

Таткото сакал прво со Валерија да преплива на другата страна, а потоа да се врати по сопругата. Тоа му успеало, девојчето го оставил на американскиот брег, а кога преку опасната река тргнал назад кон сопругата, девојчето ненадејно влегло во водата по татко си.

Оскар се вратил да ја спаси, но тогаш обајцата ги фатила силна струја со која не успеале да се изборат. Реката ги исфрли нивните тела на мексиканскиот брег.

Рамирез, жена му Ванеса, ќерката Валерија и мајката Роза живееја во предградие на Сан Салвадор. Тој работел во пицерија, а таа како касиерка во фаст фуд ресторан. Иако целото маало имало проблем со висока стапка на криминал, семејството, како што вели мајката Роза, тргнало во САД од економски причини.

-Им ја нудев големата соба во мојата куќа, ама тие штедеа пари за сопствен стан и живот во САД. Му реков на Оскар: Сине, не оди, ако одиш остави ми ја ќерка ти. Не сакаше да ме послуша, а уште помалку сакаше да го остави детето во Сан салвадор, вели мајка му на Оскар.