СЕСТРА ЈОРДА МАНАСИЕСКА ОД ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА ЈА РАБОТИ ВТОРАТА НАЈУБАВА РАБОТА ПО АНГЕЛИТЕ:Бев сведок кога пациенти имаа глад за воздух и молеа за помош!

1207

Ова е година кога кај нас и во светот се случи пандемија со коронавирусот, кога илјадници луѓе кај нас, а стотици милиони во светот се заразија и, за жал, многумина и ја изгубија битката со „невидливиот“ непријател. Сведок на она што се случува(ло) во болничките соби на Инфективната клиника во Скопје, сестра Јорда Манасиеска за весникот ВЕЧЕР говори за трагедиите пред нејзините очи и пред очите на нејзините колеги, за благодарноста од излекуваните…

Една од случките која и останала врежана во главата се однесува за 34-годишна пациентка, сопруга и мајка на 7-годишно дете, која била примена во исклучително тешка состојба и веднаш ставена на респираторна машина за дишење. – Во најтешките мигови и се приближив, ја фатив за рака и ѝ кажав дека мора да се избори, затоа што има голема обврска како мајка. Бидејќи не можеше да зборува, ѝ потекоа солзи и ме стегна за раката. Со исклучително напорна работа и ангажман на целиот тим, за среќа после подолг престој, пациентката ја доби битката и ја напушти Клиниката излекувана. Токму ваквите ситуации со среќен крај, претставуваат најголем мотив и признание за нашата работа, со емоции вели Манасиеска која доби награда од Општина Карпош поради тоа што е една од многуте здравствени работници, кои се жртвуваат за јавното здравје и колективитетот

Светлана БЛАЖЕВСКА – Фото: Наќе Батев

Ова е година кога кај нас и во светот се случи пандемија со коронавирусот, кога илјадници луѓе кај нас, а стотици милиони во светот се заразија и, за жал, многумина и ја изгубија битката со „невидливиот“ непријател.

Уште од првиот ден на избувнувањето на пандемијата кај нас, таму некаде во март месец, докторите и сестрите од Одделот за респираторни инфективни болести во состав на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, се во првите борбени редови. Зад нив остануваат неброени денови и ноќи поминати во грижа за пациентите. Тие се првиот контакт, првата помош, првата утеха и првата подадена рака.

Општина Карпош номинираше личност која навидум е анонимна за пошироката јавност, но таа е на фронтот за борба против вирусот ковид-19 уште од почетокот на пандемијата. Таа е една од многуте здравствени работници, кои се жртвуваат за јавното здравје и колективитетот.

Станува збор за одделенската медицинска сестра, дел од Одделот за респираторни инфективни болести во состав на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Јорда Манасиеска која е прогласена за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2020 година.

– Преку номинацијата на Јорда, се заблагодаруваме до целиот медицински персонал: доктори, медицински сестри, болничари, хигиеничари, сите „дискретни“ херои кои изминативе месеци ревносно и беспоштедно спасуваат човечки животи – велат од Општина Карпош.

Наградата ѝ беше врачена на 3 ноември – Денот на Општина Карпош и тоа беше поводот да поразговараме со неа и да ја прашаме како изгледа еден нејзин работен ден, за трагедиите што се случуваат пред нејзините очи и пред очите на нејзините колеги, за благодарноста од излекуваните…

– Во периодот од 38-годишно работно искуство, целосно сум ангажирана и посветена за грижата на здравјето на пациентите. Доделеното признание за заслужен граѓанин на Општина Карпош од страна на градоначалникот Стефан Богоев и неговите советници, на кои сум им искрено благодарна, е голема мотивација не само за мене, туку и на сите здравствени работници и техничкиот персонал кој од почетокот на пандемијата неуморно се бориме, секојдневно спасувајќи нечии животи – вели скромната Јорда Манасиеска. 

Работниот ден ѝ почнува во 6 часот со првите утрински подготовки. Сопругот со автомобил ја превезува до работа и некаде околу 7 часот ѝ почнуваат работните обврски.

– Ја облекувам работната униформа, по што следува задолжително миење и дезинфекција на раце, како и дезинфекција на работни површини. По завршувањето на првичните подготовки, следува примопредавањето на смена, што вклучува брифинг за секој пациент одделно од колешките кои работеле ноќна смена. Веднаш потоа, поточно во 7:40 часот, се состануваме на утрински состанок на кој присуствуваат сите одделенски сестри, а истиот е предводен од главната сестра на Клиниката, Габриела Темелковска која ја координира работата на сите оддели – раскажува таа.

По завршување на состанокот, сестра Јорда ја организира работата на одделот, со нејзиниот тим, по што следува облекување за влез во црвена зона, односно на одделите каде што се хоспитализирани пациентите заразени со вирусот ковид-19. Тоа вклучува, посебна заштитна опрема која се состои од заштитни маски КН 95, заштитни мантили, заштитни очила, визири, капи, ракавици и каљачи.

– Оваа работа е многу одговорна и макотрпна, но самата помисла дека ќе спасам нечиј живот, ме прави силна и посветена. Во изминатиот период бев сведок на многу случувања на кои секогаш ќе се сеќавам, на пациенти кои буквално имаат глад за воздух, кои со тажни очи вперени во нас, молат за помош – кажува сестра Јорда.

Една од случките која ѝ останала врежана во главата се однесува за 34-годишна пациентка, сопруга и мајка на 7-годишно дете, која била примена во исклучително тешка состојба и веднаш ставена на респираторна машина за дишење.

– Во најтешките мигови ѝ се приближив, ја фатив за рака и ѝ кажав дека мора да се избори, затоа што има голема обврска како мајка. Бидејќи не можеше да зборува ѝ потекоа солзи и ме стегна за раката. Со исклучително напорна работа и ангажман на целиот тим, за среќа после подолг престој, пациентката ја доби битката и ја напушти Клиниката излекувана. Токму ваквите ситуации со среќен крај, претставуваат најголем мотив и признание за нашата работа – со емоции вели Манасиеска.

Новиот вирус можеби најсилно досега ја изнесе на виделина огромната улога и пожртвуваност на медицинскиот кадар, особено на сестрите и докторите на Инфективната клиника и сè почесто во јавноста ги нарекуваат „промотори на здравјето“ или „ангели чувари“. Токму затоа и годинешниот слоган на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри за нивната работа во услови на пандемија е: „Не сме ангели, туку сме втората најубава работа по ангелите“.

А сестра Јорда ја работи токму таа работа – ангелската. Таа е ангел и за нејзиното семејство за кое се грижи со голем ентузијазам и посветеност.

– Сопруга сум и мајка на две ќерки, како и баба на две прекрасни внучиња кои секојдневно ми го разубавуваат денот и животот ми го прават посреќен и поинтересен. Со моите најблиски често споделувам случки од работниот ден, со нив разговарам за сите предизвици, проблеми, тажни и среќни моменти со кои секојдневно се соочувам – вели Манасиеска.

Точност, професионалност, човечност, пожртвуваност, хуманост. Поради сето ова, особено во изминативе десет месеци, медицинските сестри од нашата земја добија многу честитки и громогласни аплаузи. За жал, во текот на работата и дел од нив се инфицираа со коронавирусот. Но, не се живее само од аплаузи.

Сестра Јорда упатува апел до Владата, медицинските сестри да бидат активно вклучени во донесување на одлуките и да учествуваат во водењето на политиките, со цел, како што нагласува „да се дојде до подобра здравствена заштита на населението“. Да се активни чинители и во измените во колективниот договор, да има покачување на коефициентот на плати за сестрите, поместување на старосната граница за пензионирање, бенефициран стаж…

Не заборави да упати апел и до граѓаните.

– Носете маски, држете дистанца, не се групирајте, заштитете се сами, а со тоа ќе ги заштитите и вашите најблиски, а ќе нè заштитите и нас здравствените работници. Чувајте се – вели сестра Јорда Манасиеска.

Сестра Јорда Манасиеска е родена на 16 април 1962 година, во село Битуше, општина Маврово-Ростуша, а долги години е жителка на населбата Карпош 1. Дипломира на Високата медицинска школа на Медицинскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што се здобива со звање дипломирана медицинска сестра. Професионалната кариера ја започнува во 1982 година, на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што непрекинато работи 38 години. Од 2007 година е назначена за одделенска сестра на Одделот за респираторни инфекции и исипни болести.