Бајрамската прослава на Балканците во Гетинген го прошири коронавирусот

144

На прославата на Бајрам во неколку семејства во Гетинген дојде до ширење на коронавирусот. Бројот на заразени во градот и околината нагло се искачи на преку сто лица. Граѓаните се лути, зашто тоа носи нови рестрикции.

На семејните прослави по повод Рамазан на 23 мај во Гетинген очигледно се кршени прописите за хигиена и физичка дистанца, па дојде до нагло ширење на коронавирусот. Последица – 86 заразени во самиот град и уште 18 во околината. Се претпоставува дека бројките ќе растат.

Поради тоа е одреден карантин за неколку стотини лица кои биле во контакт со заболените. Три лица се наоѓаат на болничко лекување, едно е на респиратор. Оваа недела ќе бидат тестирани уште 600 до 700 станари на комплекс згради во Гетинген во кои се одржувале семејните прослави. Заразата се шири и надвор од градското подрачје, зашто многу гости допатувале од околината, па и други делови од Германија. Еден ученик во училиштето раскажал дека членовите на неговото семејство се прегрнувале и раувале при средбата.

Од градската управа соопштја дека поголем дел од учесниците во прославата потекнуваат од земји од бивша Југославија. Полицијата не сака да дава конкретни изјави за семејствата.

Комплексот згради каде живеат заразените веќе неколку дена е под опсада на новинари, што очигледно не им се допаѓа на некои станари. Вчера беше нападнат тим на приватна телевизија. „Луѓето се закануваа дека ќе ни ја уништат опремата”, изјави снимателот Фестим Беќири. „Освен тоа, од балконите нѐ гаѓаа со компири”.

Можен дополнителен извор на зараза е и еден наргиле-бар кој бил отворен во неделата, без оглед на забраната. Таму повеќе луѓе пушеле наргиле со ист пластичен дел.

Поради наглото ширење на епидемијата, градските власти до идниот понеделник ги затворија сите училишта и пет детски градинки, зашто меѓу инфицираните има повеќе деца и младинци. По повторното отворање, ќе биде воведена обврска за носење заштитни маски. Тоа пак кај многу родители и директори на училишта предизвика бран незадоволство, зашто училиштата дури неодамна беа повторно отворени по долго време. „Застрашувачки е што има луѓе кои мислат дека за нив не важат правилата или дека за нив под одредени услови тие се ставени вон сила”, изјави Ларс Хумрих, директор на едно училиште.

Претстои одлука за казнување

Вирусот е откриен и кај лице вработено во старечки дом, па и таму ќе биде спроведено масовно тестирање.

На рок од две недели повторно се забранети и тренинзи на сите тимски спортови, како и кај оние каде доаѓа до непосреден контакт, на пример кај борењето. Затворен е и еден градски базен.

Засега не е дефинитивно дали ќе постои и правна одговорност за наглото ширење на коронавирусот. Моментно е најважно да се ограничи неговото распространување, изјави градоначалникот Ролф-Георг Келер и додаде: „Кога ќе имаме повеќе време, ќе решиме против кого ќе покренеме прекршочна постапка, а против кого кривична пријава.”

Само за споредба, бројот на новозаболени во изминатите седум денови на 100.000 жители во Гетинген изнесуваше само 21,6, а во целата покраина Долна Саксонија – 5,4.

Извор: Дојче веле