Бајрамоска-Мустафа: Во „Ранка Милановиќ” затекнавме ужас од установа

118

Во домот „Ранка Милановиќ” затекнавме ужас од установа, што беше доволно за нас да напишеме посебен извештај и да побараме итно преземање мерки за преместување на децата, изјави вечерва заменик народниот правобранител Васка Бајрамоска-Мустафа во врска со случувањата во Визбегово каде што жителите се противат три деца од домот да живеат во куќа во нивното соседство.

Во интервју за емисијата „Топ тема” на ТВ Телма, таа рече дека установата ја посетиле два месеца пред преместувањето на трите деца во малиот групен дом во Визбегово.

-Затекнавме напуштена установа, без никаква грижа, деца надвор и без контрола, машки и женски на ист кат со нефункционални соби во кои секој може кај секого да влезе, користење заеднички простории, машки и женски… Букавално хаос, рече заменик правобранителката.

Во посета на установата отишле откако незадоволните жители од Визбегово на крајот од октомври поднеле претставка до Народниот правобранител со барање да интервенира за поддршка за, како што навеле „елиминирање на инјектирањето страно тело во Визбегово”. Тие, како што рече Бајрамоска, се пожалиле дека е загрозена безбедноста на останатите деца во населбата, дека децата од домот се без контрола и надзор, со ладно оружје влегувале по домови итн.

-Утврдивме сосема спротивна слика, утврдивме дом, односно куќа во каков што секое дете би сакало да живее, со грижа и 24-часовен надзор од страна на вработените, каде што на детето му се дава можност да дојде до израз неговиот интелект и неговиот проблем да се разгледа индивидуално, нешто што го немаше во институционалната грижа во „Ранка Милановиќ” што го посетивме само два месеца пред да се префрлат децата во овој мал групен дом, рече Бајрамоска.

Тројцата малолетници кои привремено беа дислоцирани за да не се соочат со револтираните жители се вратени во куќата во Визбегово. Според Душан Томшиќ, советник во Министерството за труд и социјална политика, незадоволните граѓани кога се жалат од децата ги нарекуваат „криминалци” без да ги познаваат, со што се крши Конвенцијата за права на детето.

-Тоа се деца без родителска грижа кои по сила на судбината, дел биле воспитно запуштени и имале допир со законот и стигнале до „Ранка Милановиќ”, рече Томшиќ.
Соопшти дека во сите случаи на деинституционализација на деца од домови, вклучително и на тие со посебни потреби, се соочуваат со неприфаќање од луѓето што ги издаваат куќите, кои се откажуваат и не сакаат да се согласат кога ќе разберат за која категорија луѓе се работи. Тоа им се случувало, како што рече, и во поурбани населби во главниот град.

-Да речеме, од сто станбени единици, само со двајца ќе успеете да разговарате коишто ќе се нафатат да прифатат. Тоа е проблем и генерално тука треба да се работи на подигнување на свеста и знаењето на луѓето дека различноста не е страшна и дека не може да цените некого ако не го познавате, рече советникот во МТСП.

Тие истакнаа дека тоа се деца на кои општеството досега не им дало можност и системот не успевал да ги извади на прав пат, а тоа го потврдува фактот што постојано менувале установи.

-Најголем дел од нив низ годините биле во домот за деца без родители „11 Октомври”, оттаму во „25 Мај” и поради лоши работи што ги правеле стигнале до „Ранка Милановиќ”. Промената е што тие сега добиваат семејна грижа. Оваа куќа не е нивно трајно живеалиште, туку е систем кој ќе им даде поддршка да живеат самостојно, да ги научи на подобри навики и да добијат образование кое не го добиле зашто не оделе на училиште и крајната цел е потоа да живеат каде што сакаат, рече Томшиќ.