Иако е најголем потрошувач во изминатите неколку години, каталонскиот гигант Барселона, поради новата срамна елиминација во Лигата на шампиони, ќе мора да посегне уште подлабоко во својата каса, со цел, обнова на првиот тим. Две години по ред Барса ја освојува двојната круна во Примера дивизион, но постот во Лигата на шампиони трае предолго ако се знае колку е инвестирано во новите фудбалери.

Според фудбалските медиуми, ова лето Барселона ќе купи најмалку три капиталци. Создавањето на новата Барса не е шпекулација или сон, тоа е нешто веќе дефинирано. Каталонскиот гигант веќе ги осигура услугите на големиот талент од редовите на Ајакс, Френки де Јонг, кој потпиша 5-годишен договор, а за неговото обесштетување се одвоени 75 мил. евра. Репрезентативецот на Холандија поседува вонсериски талент и треба да биде светлата иднина на старо-новиот шампион на Шпанија.

Друштво на Де Јонг би требало да му прави и неговиот тимски колега, Матијас де Лигт. Двоецот на Ајакс треба да продолжи со одличната соработка и на „Ноу Камп“, односно да испишува нови страници во клупската историја. Како што информираат фудбалските медиуми, за да ги осигурат услугите на централниот дефанзивец, раководните лица на Барса мораа да го прифатат побараното обесштетување од 80 мил. евра. После најдобриот млад играч за врска, Каталонците ќе ги обезбедат и услугите на најдобриот дефанзивец на денешницата.

Кога е во прашање напаѓачката позиција, сите го очекуваат трансферот на францускиот интернационалец од редовите на Атлетико (М), Антоан Гризман. После пет години поминати во Мадрид, Французинот потврди дека се има заситено, а пред три дена потврди дека сака да си замине од „Ванда Метрополитано“.
Таквата одлука преставува големо изненадување ако се знае дека Гризман пред една година потпиша нов договор и ја одби тогаш богатата понуда на Барселона.

Шпанските медиуми пишуваат дека Барса и Атлетико (М) имаат постигнато договор околу обесштетувањето кое ќе изнесува 125 мил. евра. Со ангажирањето на овој троец, Барса создава тим кој повеќе нема да посрамотува во елиминациските рунди од Лигата на шампиони.