Европски ракометен шампион, тимот на Барселона само ја потврди првата позиција во групата Б во рамките на Лигата на шампионите, откако славеше во дербито проив Киелце со 32:31.

Каталонскиот гигант со тринаесет победи и едно реми е лидер во групата и заедно со полскиот шампион оди директно во четвртфиналето од најквалитетното клупско ракометно натпреварување.

-Двата тима сакаа да победат, а тоа најдобро се виде во второто полувреме кога резултатот беше изедначен. Но, на крајот ние имавме повеќе среќа и  успеавме да победиме. Сега двата тима ќе се фокусираат на  четвртфиналето каде обезбедија место благодарение на тоа што завршија како прво и второ плаирани во групната фаза, изјави тренерот на каталонскиот тим Карлос Ортега.

Аркадиуш Морито беше најдобар стрелец на натпреварот со осум реализации, додека кај Барса со шест се истакна Нгесан.

Од другата група место во четвртфиналето обезбедија тимовите на ПСЖ и Магдебург, додека осминафиналните парови се: ГОГ Гудме – Алборг, ПИК Сегед – Веспрем, Динамо Букурешт – Кил и Нант – Висла Плок

Македонија нема да има свој претставник во осминафиналето, бидејќи Никола Митревски и Порто не го минаа првиот филтер.  Исто така впечатливо е дека со елиминацијата на Целје Пивоварна Лашко и ППД Загреб и Балканот нема претставници во осмфинафиналето.

Титулата од минатата сезона ја брани Барселона, која во финалето во Келн по пенали го совлада Киелце.

Познати се и осминафиналистите и во Европската Лига ( второто по квалитет натпреварување на ЕХФ). Таму за четвртфинале ќе се борат: Грањољерс – Скандерборг Архус, Ференцварош – Монпелје, Кадетен Шафхаузен – Истадт, Бенфика – Флензбург, Валур – Гепингем, Скјерн – Фуксе Берлин, Мотор Запорожје – Нексе Нашице, Бидасоа Ирун – Спортинг Лисабон.

Натпреварите од осминафиналето се играат на 21 и 28 март.