Македонската политичка сцена е арена на жесток судир меѓу партиите на власт и оние во опозиција и сведочи за најголемата поделба во однос на начинот на кој се одвива процесот на зачленувањето во ЕУ. Владеачката СДСМ е цврсто убедена дека преговорите за зачленување во Унијата се движат во посакуваната насока, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека цената за македонските евроинтеграции ќе биде превисока.

Од формално-правен аспект, нема дилема оти за нас преговорите веќе се започнати со отворањето Меѓувладината конференција, истакна денеска државниот советник за европски политики во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев додавајќи дека подобра алтернатива за нас од членство во ЕУ нема и нема да има во догледно време. Според него, секоја слабост која би ја покажале во нашата евроатлантска ориентација ни оди на штета и може да има долгорочни негативни последици.

– Сосема е јасно, од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ, дека преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик, кој не смее да тлее долго, оценува Тилев.

Тој соопшти дека билатералниот скрининг со ЕУ за усогласеноста на европското законодавство со македонското, кој треба да започне во септември, е составен дел од процесот на пристапни преговори и се одвива во две фази –  објаснувачки и билатерален дел.

– Првата фаза, објаснувачкиот скрининг е преглед на европското законодавство кога експертите од Европската комисија го презентираат и детално објаснуваат европското законодавство пред нашите експерти. Тоа се правните акти кои се предмет на пристапните преговори или поточно, кои ќе мора да ги транспонираме во домашниот правен систем и целосно да ги имплементираме. Втората фаза е билатералниот дел, кога нашите експерти го презентираат статусот на транспозицијата на тоа исто европско законодавство во националниот правен систем, односно што досега сме транспонирале, како тече имплементацијата, што и кога од европското закондавство ќе транспонираме во наредниот период, со јасен план и за тоа кога ќе бидеме целосно хармонизирани со европското законодавство, во сите области, вели Тилев.

Тој нагласи дека објаснувачкиот скрининг, заедно со Албанија, веќе го спроведовме еднаш во периодот 2018-2019 година, за вкупно 33 поглавја, но поради блокадите на кои наидовме во меѓувреме истиот беше паузиран.

– Со одблокирањето на процесот и отворањето на Меѓувладината конференција и рестартирањето на скринингот, всушност ќе се престроиме сега според новата Методологија за пристапни преговори. Скринингот ќе продолжи по кластерска структура, во шест кластери во кои се групирани 33 поглавја и тоа со освежување на делот на објаснувачкиот скрининг, заедно за нас и Албанија, со новото законодавство усвоено од декември 2019 до денеска, односно до 2022/2023 година, а потоа паралелно и со билатералните скрининзи за сите кластери, области и поглавја, но во овој дел одвоено, посебно за нас и посебно за Албанија, појанува тој додавајќи дека скринингот ќе трае до ноември 2023.

Но, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, бугарските барања континуирано растат и тие за жал се прифаќаат од страна на оваа влада на СДСМ и ДУИ. Тој истакна дека се работи за една 150 годишна стратегија, со Бугарија сака да покаже дека на својата западна граница граничи со народ ист како бугарскиот, кој зборува јазик кој е дијалект на бугарскиот јазик.

–  Од владата велеа дека Протоколот нема да е дел од преговарачката рамка, иако во неа јасно пишува дека протоколот е дел од преговарачката рамка. Во него има преку 20 страни обврски за Македонија.  Бугарија ќе има сопствено толкување на тие обврски од Протоколот кој го потпиша Бујар Османи и сега имаат полно право да бараат реализација на свој начин, рече вчера, во ТВ гостување, Николоски.

Тој потенцираше дека ќе гледаме барања за менување на учебници по историја и географија, барање за промена на натписи и табли пред споменици, притисок да се менуваат наставни програми и да се карактеризира македонскиот народ како народ кој нема историја, а македонскиот јазик како бугарски дијалект и дека не гледаме што е тоа што Бугарија се обврза да го направи.

– На пример еве јас сум во Совет на Европа, 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, сите се однесуваат на малцинските и јазичните права на Македонците во Бугарија, но Бугарија нема спроведено ниедна пресуда. Не гледам дека владата на СДСМ ДУИ врши притисок да се реализира барем една од овие 14 пресуди. Не го гледаме реципроцитетот, кога од Македонија се бараат 100 работи, а од Бугарија ниедна. Од Македонија се бара да се избрише самата себе, а Бугарија да биде таа која ќе наметнува услови, нагласи Николоски.

Тој истакна дека македонските граѓани мора да бидат прашани и да дадат свој став дали прифаќаат ваква преговарачка рамка и Македонија да има повеќе услови од останатите земји членки кога се приклучувале на ЕУ, па затоа се бара референдум.

(И.С.)