Барањата за ИПАРД 2 ќе се одбиваат ако не се комплетни

76

Секоја апликација за средства од ИПАРД 2 ќе се одбива како неоснована ако не ја содржи потребната документација, предвидуваат измените на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој што денеска го поминаа првото читање во матичната собраниска Комисија.

Според новиот текст на Законот, поинаква ќе биде постапката за некомплетна документација при доставување барања за финансиска подршка од Буџетот на Република Северна Македонија. Во таков случај, апликантите ќе бидат известувани и во рок не пократок од осум дена од добивањето на известувањето, ќе треба да го дополнат барањето со потребната документација.

Целта на измените, како што образложи денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски пред членовите на собраниската Комисија, е усогласување на Законот со новите правила на управување и спроведување на финансиската помош на ЕУ за земјава, но и исполнување на дел од предусловите неопходни за акредитација на мерката „Инвестиции во јавна рурална инфраструктура“ во рамки на ИПАРД Програмата.

-Ваквото законско решение оди во прилог на земјоделците и е во насока на поефикасно искористување на ИПА средствата, истакна претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, давајќи поддршка на предложениот текст.

Комисијата претходно ги разгледа и Предлог-измените на Законот за земјоделско земјиште по што одлучи дека може да се дадат на натамошна постапка во Собранието.