Бараме нормални велопатеки!

113

Групата скопски велосипедисти „На точак“ барат донесување на силни и добро дефинирани стандарди за велосипедски и пешачки патеки кои ќе бидат вметнати во Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, a во кој, според нив, има само неколку реда за минималната широчина на велосипедска патека. Освен тоа бараат рамноправен третман, донесување на стандарди за велосипедски сообраќај, како и ослободување на пешачките и велосипедските патеки.

– Слично е во сите релевантни закони и правилници. Секаде на долго и широко се пропишани стандардите за автомобили, со радиуси, со дозволени кривини, со категоризации, со типови на вкрстување, па лево исклучување, па десно исклучување. А пешачкиот и велосипедскиот сообраќај – речиси и да ги нема! Има само дефинирана минимална широчина – реагираат од „На точак“.

Тие велат дека иако Скопје има убави вело-делови, има најмногу велосипедски патеки во државата и е единствен град со План за унапредување на велосипедскиот сообраќај. Но, поради стеснетиот простор на патеките, велосипедистите не можат да се разминат.

– Размислувал ли некој за потребата од простор кога ќе се вкрстат оној што вози точак и оној што се симнува од автобус? Што кога ќе се вкрстат оној што вози точак и оној што го фрла ѓубрето во контејнер? Зошто не се мисли на нивните патеки и не се обезбедува доволно простор, добри агли и видливост – прашуваат тие.

(А.П.)