Балоните се закана по животната околина, сè повеќе градови во Холандија ги забрануваат

80

Сè повеќе холандски градови забрануваат летање балони, па така во 17 отсто од општините во моментов има забрана, покажува денеска објавената студија на еколошката организација Де Нордзе (Северно Море).

Една година претходно, забрана имаше во само пет отсто од општините. Освен тоа, 20 проценти од холандските општини силно советуваат против користење балони за време на прославите.

Неколку партии во холандскиот парламент сакаат да се наложат понатамошни забрани и изразија загриженост поради можната штета од остатоците од балони и пластичен отпад во Северното Море.

Според екологистите, балоните се опасни за морските цицачи, птици и риби, кои можат да се задушат од остатоците пластика. Освен тоа, отпадот од балони придонесува за загадување на морето и крајбрежјето.

Според студијата, особено морските птици се жртви на отпадот од балони. Истражувачите откриле дека во 20 проценти од случаите, причина за смрт на морските птици е пластика или отпад од балони. Неодамна Лорен Роман од Универзитетот во Тасманија во Австралија изјави дека балоните или делови од балонот се најсмртоносното ѓубре во морињата. Веројатноста за умирање од такви парчиња гума е околу 32 пати повисока отколку кај тврдите пластични делови, истакнуваат истражувачите за списанието „Сајантифик Рипортс“.

Еколошката организација Де Нордзе е посветена на борбата за генерална забрана за балони во природата. Според фондацијата, повеќето од забраните во Холандија се во крајбрежните области и на островите во Ваденското Море.