Во Националната опера и балет на 7 октомври (20 часот), ќе се изведат балетските едночинки „Шехерезада“ од Н. Р. Корсаков и „Валпургиска ноќ“ од Шарл Гуно. На сцената ќе настапат првенци, истакнати солисти, солисти, балетските ансамбли на Националната опера и Балет и на Државната опера од Варна, Р. Бугарија.

Приказните од „Илјада и една ноќ“, преточени во балетот „Шехерезада“ од Н. Р. Корсаков, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Бугарија, Григор Паликаров, кореографијата ја пренесе познатиот балет-мајстор од Москва, Михаил Крапивин, со првична постановка на Михаил Фокин. Сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите на Маја Бурсаќ од Србија.

Ивана Коцевска ќе ја видиме во улогата на Забеида, Балаж Лашеи (Унгарија) во улогата на Златниот роб.

Во вториот дел публиката ќе има можност да ја проследи едночинката „Валпургиска ноќ“ (балетскиот дел од операта „Фауст“ од Шарл Гуно)

Диригент е Григор Паликаров (Бугарија), кореографијата е на Леонид Лавровски, редакцијата на кореографијата и режијата е на Светлана Тоншева (Бугарија), а костимограф: Изабела Поњавиќ.

Настапуваат Марија Кичевска-Шокаровска, Павел Кирчев (Бугарија) и Марко ди Салво (Бугарија), како и првенци, истакнати солисти, солисти, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и на Државната опера од Варна, Р. Бугарија, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет.

Во Фоајето на Националната опера и балет од 7 октомври ќе биде поставена изложба на дел од костимографијата од оперските и балетските премиери изведени во последните 3 сезони.