Последниот натпревар од 35. коло во италијанската Серија А, помеѓу екипите на Милан и Болоња, заврши со минимален триумф на „росонерите“ од 2:1. Освен по погодоците на Сусо, Фабио Борини и Матија Дестро, дуелот на „Сан Сиро“, ќе биде запаметен и по вербалниот конфликт помеѓу Џенаро Гатузо и Темуе Бакајоко.

Францускиот интернационалец не сакаше да се загрее, откако Лукас Билја побара да биде заменет поради повреда, а потоа му се обрати на Гатузо со зборовите еб* се. На крајот од натпреварот шефот на стручниот штаб откри што точно се има случено на клупата за резервни фудбалери.

  •  Играчите ми се многу лути затоа што ги држев подалеку од своите фамилии во изминатите пет ден. Ги држев затоа што сакав да бидеме максимално подготвени за овој натпревар. Им кажав тој бес да го претворат во позитивна енергија. Мислам дека ја постигнав зацртаната цел. Кога е во прашање Бакајоко, тоа што се случи ќе остане во нашата соблекувална. Му кажав да се подготви, но му требаше повеќе од потребното за да се загрее. Затоа го повикав Хозе Маури. Ние носиме дрес на еден голем клуб и тоа мора да биде јасно. Го чекав седум-осум минути, но тој не стана. Сè е во почитувањето, ќе видиме како ќе го решиме овој проблем, изјави Гатузо.

Темпераментниот Рино откри дека играчите можат да му кажат сè што сакаат, но само под еден услов.

  •  Се додека има добра атмосфера во тимот и сè додека го почитуваат овој дрес, можат да ми кажат сè што сакаат. Сега имаме приоритет, но на крајот од сезоната ќе видиме каде сме и што сме. Јас тоа ќе го решам на свој начин, во соблекувалната, а не пред камерите. Сега сме фокусирани на преостанатите натпревари и тоа е сè што можам да ви го кажам, додаде Гатузо.

Бакајоко е во сопственост на лондонскиот премиерлигаш Челзи, но Милан може да го откупи неговиот договор со понуда не помала од 35 мил. евра.