Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен вечерва во 19.30 часот во „Куршумли ан“ во Скопје. Фестивалот ќе трае до 17 септември, а гости ќе бидат домашни, но и врвни автори од регионот.

На првата фестивалска вечер ќе се претстават тројца од нашите гости. Со македонската публика ќе се сретне Мухарем Баздуљ, Углеша Шајтинац, Калина Малеска и со Дамир Каракаш, кој ќе учествува со видеомонолог.

Баздуљ писател, новинар и преведувач и еден од најчитаните во регионот. Неговите 20-тина книги се преведени на повеќе странски јазици, а ги има добиено голем дел од значајните новинарски награди во БиХ и во Србија.

Српскиот автор Угљеша Шајтинац е наградуван драматург и писател, добитник на Европската награда за литература за романот „Сосема скромни дарови“.

На првата вечер, како што најавија организаторите, ќе биде претставeно делото и на нашата писателка Калина Малеска, професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали.

-Во продолжение ќе следува креативно и луцидно видеоизлагање на хрватскиот писател Дамир Каракаш, автор на пет романи, три збирки раскази, патопис и две претстави за неговите книги и светот во којшто моментално живееме. Некои од неговите книги имаат култен статус кај читателите. Според неговата збирка раскази „Кино Лика“ снимен е филм што освои бројни награди на реномирани филмски фестивали, соопштија организаторите.

Првата вечер, како што посочуваат, ќе биде промовирана и „Срчки“, новата книга на Бранислав Николов (Пијан Славеј), а на промоцијата ќе настапат авторот и басистот Гоце Јованоски.

На 15 септември во 13 часот во Europe House ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“ на која ќе учествуваат гостите-писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Поради ковид-протоколите, настанот е затворен за публика.

Според најавата, вечерта во 19.30 часот следува второто претставување на
писателите и нивните дела. Маја Солар, авторка која се занимава со феминистички и филозофски теми, како и младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ (БиХ) и македонската писателка и книжевна теоретичарка Елизабета Баковска ќе разговараат со Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Музичарите Гоце Јованоски и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Устав на Република Хрватска“ по сценарио на Анте Томиќ. Потоа ќе следи получасовен видеоразговор меѓу Миљенко Јерговиќ и Анте Томиќ, изработен
специјално за публиката на фестивалот.

Фестивалот ќе биде затворен на 16 септември во Куршумли ан во 19.30 часот, кога ќе биде прочитан говорот на добитникот на наградата „Прозарт“, Исмаил Кадаре, а писателите-гости ќе читаат извадоци од своите дела.

Овој фестивал е во организација на издавачката куќа „Прозарт“, а е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и од Кинотеката