Баерн (М) ќе потроши 200 мил. евра за двајца играчи

98

Германскиот „Спорт 1“ го откри списокот со играчи кои ќе бидат на мета на германскиот гигант Баерн (М) за време на следниот летен преоден рок. Најтрофејниот клуб во Бундес лигата сака повторно да го освои трофејот во Лигата на шампиони и тоа сака да го направи со ангажирањето на најдобрите фудбалери во домашниот шампионат.

Прв во списокот е напаѓачот на Ред Бул Лајпциг, Тимо Вернер, кој не сака да ја продолжи соработката и на крајот од актуелната сезона ќе има статус на слободен играч. Тоа значи дека Баерн (М) ќе има право да седне на преговарачката маса со неговиот агент веќе од јануари.

На идентичен начин, баварскиот гигант сака да ги осигура и услугите на капитенот на Шалке, Александер Нубел. Ковач во него гледа идеален наследник на Мануел Нојер кој веќе со години го чува голот на актуелниот шампион. Нубел ја одби понудата на Шалке за продолжување на соработката и сака по секоја цена да си замине од Гелзенкирхен.

Гигантот од „Алијанц арена“ подготви 100 мил. евра за најголемиот германски талент во последните десет години и лидер на Баер од Леверкузен, Каи Хавертц. Иако игра во средниот ред, изминатата сезона Хавертц ја заврши со 17 погодоци и 11 асистенции, дебито за германската репрезентација го имаше на пријателскиот дуел против селекцијата на Србија. Германските медиуми открија дека Каи веќе со месеци ги договара личните побарувања со челниците на Баерн (М).

Последен на списокот е најголемата желба на хрватскиот стручњак, Лерој Сане. Офанзивецот на Манчестер Сити требаше ова лето да се пресели во Минхен, но трансферот пропадна поради тешката повреда на коленото – скинати лигаменти. Сепак, Баерн (М) не се откажува од трансферот и планира да потроши околу 110 мил. евра за неговото обесштетување.