Елмас против Меси!

44

Точно дека чекаа цели осум години, но фудбалерите на германскиот гигант Баерн (М) најпосле добија шанса да му се реваншираат на лондонскиот премиерлигаш Челзи, за болниот пораз во финалниот дуел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Пред осум години „сините“ ја добија најважната битка и тоа сред Минхен, но денеска, баварскиот гигант ќе се обиде да слави во првата 1/8 финалната пресметка во Лондон. Ако се суди според моменталната форма, тогаш Баерн (М) е повеќе од благ фаворит најмногу поради совршената форма на полскиот интернационалец Роберт Левандовски.

  • Сум играл во Англија и можам да кажам дека никогаш не си на сигурно кога на другата страна е тим кој се натпреварува во Премиер лигата. Во Лигата на шампиони нема фаворити, секој секого може да победи и затоа ние немаме право на ниту една грешка ако сакаме да обезбедиме пласман во следната рунда. Јас ќе бидам задоволен со било каква победа, но да не примиме погодок, изјави крилниот напаѓач на Баерн (М), Серж Гнабри.

Пеколна атмосфера се очекува на првата 1/8 финална пресметка помеѓу италијанскиот калчолигаш Наполи и каталонскиот гигант Барселона. Актуелниот шампион на Шпанија поминува низ можеби најголемата криза во последните 10 години, но последниот првенствен натпревар и четирите погодоци на капитенот, Лионел Меси, се јасен сигнал дека Барса е апсолутен фаворит во двата натпревара против „азурите“.

  • Барселона има фантастичен тим и ние може да имаме сериозни проблеми. Мора максимално да се подготвиме за овој натпревар, но мора и да ја наметнеме нашата игра. Мора да играме со нашите карти. Имам проблем околу составот, има неколку повредени фудбалери, а настапот на Кулибали е под знак прашалник. Кој и да биде во првиот тим, знам дека ќе го даде максимумот, изјави предводникот на Наполи, Џенаро Гатузо.

Дуелот во Неапол привлекува дополнително внимание затоа што од едната страна ќе биде најдобриот фудбалер на денешницата, Лионел Меси, а од другата репрезентативецот на Македонија, Елиф Елмас.