Багерите забревтаа – се уриваат куќи во Ќерамидница!

Екипа на весникот ВЕЧЕР беше на самото место, каде што затече механизација на ЈП „Улици и патишта“, која, по налог на Град Скопје, ги урива објектите со кои градоначалничката Данела Арсовска постигнала договор за експропријација. Беа урнати неколку куќи, една на десетина метри од мостот „Михајло Апостолски“, а други две што се залепени до неа, се целосно испразнети. Другите куќи се урнати во центарот на Ќерамидница, кај некои целосно е отстранет шутот од приватна фирма ангажирана да го носи на депонијата „Дрисла“. Забележавме дека една куќа речиси целата е урната, освен ѕидот што е залепен до друга куќа, чиј сопственик сè уште не постигнал договор за обесштетување со градските власти. Инаку, по планираната траса на булеварот АСНОМ, сопствениците на објектите што се спогодиле, ги празнат објектите и се иселуваат

6475

Багерите забревтаа во населбата Ќерамидница. Се уриваат објекти кои се на трасата на булеварот АСНОМ, кој треба да се пробие низ населбата со ниски куќички што е на само десетина минути од центарот на Скопје и каде што сè уште се одвива маалски живот.

Екипа на весникот ВЕЧЕР беше на самото место, каде што затече механизација на ЈП „Улици и патишта“, која, по налог на Град Скопје, ги урива објектите со кои градоначалничката Данела Арсовска постигнала договор за експропријација. Беа урнати неколку куќи, една на десетина метри од мостот „Михајло Апостолски“, а други две што се залепени до неа, се целосно испразнети. Другите куќи се урнати во центарот на Ќерамидница, кај некои целосно е отстранет шутот од приватна фирма ангажирана да го носи на депонијата „Дрисла“.

Забележавме дека една куќа речиси целата е урната, освен ѕидот што е залепен до друга куќа, чиј сопственик сè уште не постигнал договор за обесштетување со градските власти. Надлежниот од ЈП „Улици и патишта“ ни рече дека доколку пристапат кон уривање на ѕидот, можно е да дојде до оштетување на другата куќа и затоа, засега, ќе го остават.

Инаку, по планираната траса на булеварот АСНОМ, сопствениците на објектите што се спогодиле, ги празнат објектите и се иселуваат. Велат дека Градот им дал рок – некому од 20 дена, некому месец или месец и пол – да заминат. Не се задоволни од цената што ја добиле. Велат дека 400-450 евра за квадратен метар станбена површина е премалку, а за дворовите не им се исплаќа ни денар, бидејќи објектите им се изградени на државно земјиште.

Една жителка вели дека нејзината куќа има 40 квадрати во приземниот дел и исто толку на катот, но Градот ѝ исплаќа само за приземјето, односно 16.000 евра. Таа се чуди што може да купи со тие пари, веројатно, една соба. За споредба, ексградоначалникот Петре Шилегов, кој во својот мандат го почна овој проект за пробивање на булеварот АСНОМ во Ќерамидница и изградба на новиот мост, на жителите им нудеше двојно повисока цена за обесштетување на нивните објекти. Сите тие најавуваат судски постапки против Градот.

Трасата поминува и покрај црквичето во средината на Ќерамидница и не се знае судбината на овој верски објект. 

За да ја забрза реализацијата на проектот, Град Скопје за краток период реши многу спорови. Вкупно треба да се решат 275 постапки за експропријација, осум од нив се на суд. Жителите што сè уште се во разговори со Градот, велат дека не се согласувале со првата понуда од 450 евра за квадрат пред три години. Зависно од куќата и колку е инвестирано, средната цена што била понудена е 800-ини евра за квадрат. И Арсовска неодамна истакна дека се преговара со секој посебно со цел да се најде решение.

– Од 2018 година, кога е започнат проектот, имало 139 парцели и 136 објекти што треба да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација. За три години, успеале да решат 31 предмет, а за осум влегле во постапка на спор. Завршивме голем дел од објектите за кои требаше да се направи експропријација, меѓутоа таму проблемот е што имотноправните односи не се само во делот експропријацијата туку има и голем број судски спорови меѓу роднини. Се надеваме дека во најбрз рок ќе се завршат – истакна Арсовска.

Дополнителен проблем, според градските власти, се јавува и поради фактот што на терен се случува една иста парцела да биде во сопственост на повеќе лица, а се случува и за даден имот да има одредени спорови меѓу сопствениците, поради што дополнително се усложнува целосната постапка.

Инаку, мостот е комплетно изграден и е подготвен да се пушти во сообраќај. Асфалтиран е просторот по мостот, сè до оградите на дворовите на првите куќи што ќе се уриваат.

Жителите на скопските општини Аеродром, Гази Баба и Центар веќе шеста година  откако започна да се реализира проектот за нивно поврзување, не се во можност по скратен пат да преминуваат од една во друга општина.

Причина за тоа е бавното решавање на имотноправните работи со граѓаните што имаат свои имоти во Ќерамидница, односно на потегот од мостот „Михајло Апостолски“, кој е целосно изграден, до делот од булеварот АСНОМ што треба да води до раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Весникот ВЕЧЕР објави дека на булеварот „Александар Македонски“ ќе се прави кружен тек. Овој булевар е еден од најоптоварените, бидејќи е источна влезна порта во Скопје и поради тоа, често пати има застој во сообраќајот. Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, потврди дека станува збор за таков проект за кој надлежен е Град Скопје. Тој информираше дека друг кружен тек, според ДУП, е предвиден и кај седиштето на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Додека во населбата Ќерамидница, каде што треба да се пробие новиот булевар како продолжение на булеварот АСНОМ во Аеродром, ќе има раскрсница. На овој начин, новоизградениот мост „Михајло Апостолски“, кој во моментов е затворен за сообраќај, ќе стане функционален и населбата Аеродром ќе се поврзе со Автокоманда.

(С.Бл.)