Баба Султана почина на 105 години и во својот живот никогаш не пушела и  пиела, ниту се прејадувала

118

До пред 40 денa во Струмица живеел еден од најстарите жители во државата, 105-годишната Султана Танчева. Приказната за баба си за МИА ја раскажа нејзиниот внук Горан, кој жали што додека била жива од немукает не ја овековечил нејзината долговечност.

– Според лична карта се води дека е родена на 10 октомври 1915 година во селото Канџаљи, Егејска Македонија. Но, според кажувањето на нејзините најблиски таа е родена три години порано, во 1912 година, односно како што раскажуваа моите, пред егзодусот во 1913 година. Така што сосема е извесно дека замина од овој свет на 108-годишна возраст – вели внукот Горан Танчев.

Баба Султана родила пет деца, еден син и четири ќерки. Од нив има осум внуци и исто толку правнуци. Од нејзините деца само највозрасната ќерка е почината, додека останатите се живи и здрави. На свои сто години таа играла оро на свадбата на еден од внуците.

Животната приказна на Султана не се разликува од многу други од периодот во кој растела. На 1,5-годишна возраст останала без мајка и за неа се грижела стрина ѝ. Цел живот била домаќинка и повремено работела земјоделство.

– Откако побегнале од родното огниште преку планината Беласица, дошле во селото Банско, а по смртта на мајка ѝ се префриле да живеат во селото Градско Балдовци. Таму ги примил еден Турчин, им дал соба и таму живеела до 1935 година, кога се омажила во градот за дедо ми Слободан. Со него живееле заедно до 1989 година, кога починал дедо ми – се сеќава внукот Горан.

Таа била витална и подвижна до нејзината смрт, на 10 јануари годинава, и само два дена пред да почине залегнала во постела. Внукот Горан кажува дека никогаш не пушела, ниту пиела, ниту се прејадувала. Цел живот напорно работела, одгледала пет деца, а се грижела и за внуците. Секогаш била со насмевка на лицето и ништо не ѝ било тешко.

Извор: МИА