„Среќен човек сум, имам син со кој се гордеам, а истото чувство важи и за внуката Марта. Со Сенка се засакавме во Грузија, се заљубивме, стапивме во брак. Умна е мојата жена, парите ги вложуваше во купување на станови, а јас како и секоја машка будала купувајќи разновидни скапи автомобили, хахахаааа…..“

Зафир Хаџиманов е навистина голема ѕвезда не само македонска туку и поранешна југословенска. Многу години е во среќен брак со пејачката Сенка Велетанлиќ (сестра на Бисера Велетанлиќ), а животот му се „намести“ така што тој остане да живее и работи во Белград, каде што е и официјален амбасадор на македонско-српската култура и музичка уметност. Татко е на исто така популарниот џез-пијаниста Васил Хаџиманов. Во животот на Зафир има неброено многу случувања, а само на некои од нив тој неодамна се присети.

– Родум сум од Кавадаречкиот крај, нели, но јас како момче од родната Македонија заминав со огромна желба да направам некоја кариера на поширок географски простор. Да станам познат, бидејќи песната, уметноста, поезијата во мене тлееја, а тоа мораше да го доживеат голем број луѓе и надвор од границите на Македонија. Денес кога ќе погледнам зад себе, можам да речам дека успеав, дека нема за што да се пожалам, раскажува Зафир (деновиве за српските медиуми).

И ако единствено во овие сега свои пристојни години повеќе болен отколку здрав, тој не престанува да работи. Толку колку што може.
-Покрај сите овие болештини и покрај короната, неодамна го скршив рамото. Одвај пишувам, но се борам, не се давам јас така лесно, вели Зафир, кој на публиката ѝ е познат и како човек која често знае да биде многу духовит, кажувајќи коментари и на својата сметка. Активен е и на ФБ-мрежата, додека неговата сопруга Сенка поодамна се повлече од естрадните настапи, уште во почетокот на распадот на Југославија, земја која на неа и на сите во семејството многу им недостасува.

– Сенка е сосема со поинаков карактер од мене и сестра ѝ Бисера, која и понатаму пее и настапува, како да е во цутот на младоста. Сите ѝ се восхитуваме на Бисера. Постојано е со нас, бидејќи живее сама, додека јас и Сенка овде во Белград сме во еден убав, наш голем стан. На шега велам дека умно ги потрошивме заработените пари од печалбата на мојот дедо Зафир. Сенка е мојата најголема љубов и ако пред неа имав многу други жени.

Со Сенка се засакавме во Грузија, земја во која ми ја дадоа титулата „Хамлет на естрадата“. Се случи на една турнеја, во она време кога таа се разведе од пејачот Тихомир Петровиќ, со кој бев добар другар. Па, сега ќе се согласите со тоа дека навистина има голема вистина во онаа мојата хит песна „А од љубов не се бега“. Се заљубивме, стапивме во брак, ни се роди синот Васил, а ја имаме и внуката Марта, која е веќе возрасна и многу е талентирана исто така за уметност.

Васил како бебе ми мирисаше на тазе изваден леб од фурна

Зафир во никој случај не се жали на својот живот и покрај некои пехови. Единствено не ги разбира оние несреќници кои му замеруваат што остана да живее во Белград, наместо да е во Скопје. На тие бесмислени критики гледа како на евтин политички крик на некои луѓе кои се силно партиски обоени. За тоа и не сака да зборува, не сака на таквите да им дава на важност и да си го расипува расположението. Сосема разбирливо!

-Зборувам само за убави работи, животот ми е убав, јас тоа секогаш го кажувам. И ако сега сме малку болни, послабо подвижни, но сè е до годините, хахахаааа…. За самата смрт не размислувам и ако и тоа ќе мора да се случи, никој од нас не е вечен, но бегам од таквите црни мисли. Среќен човек сум имам син со кој се гордеам, а истото чувство важи и за внуката.

Таа е сега на студии за соло пеење во Германија. Тие се најголемата радост во мојот живот. Памтам кога како бебе ќе го мириснев Васил, ми мирисаше на тазе изваден леб од фурна. Уште живо ме држат тие емоции.
И, за крај Зафир вели дека заработените пари никогаш не знаеше корисно да ги троши.

-За трошењето на парите задолжена е и сега сопругата Сенка. Умна е таа, парите ги вложуваше во купување на станови, а јас како и секоја машка будала купувајќи разновидни скапи автомобили, хахахаааа….. тоа е вистина, тоа нема зошто да кријам. Најпосле и мене ми дојде умот, па и јас сите пари ги дадов токму за овој стан во кој сум сега со сите мои најсакани, во ова нашето фамилијарно гнездо исполнето со радост, љубов и разбирање.