Холанѓанката Ајрин Вуст стана најуспешната натпреварувачка во брзо лизгање на олимписките игри со шест златни медали, откако ја одбрани титулата и освои уште едно олимписко злато на 1.500 метри во Пекинг.

Холандската лизгачка ја одбрани олимписката титула со време 1:53.28, додека светската рекордерка Михо Такаги од Јапонија го зазеде второто место и го освои сребрениот медал со време 1:53.72. Друга Холанѓанка, Антоанета де Јонг, освои бронзен медал (1:54,82).

Холанѓанката благодарение на оваа победа ја престигна Германката Клаудија Пехштајн која има пет златни медали во брзо лизгање. Вуст сега има вкупно 12 медали и е на третото место меѓу сите спортисти по бројот на подиуми на Зимските олимписки игри.

Но, тоа не е се, таа стана првата олимпијка во историјата на Летните и Зимските игри која освоила поединечен златен медал на пет одделни Игри.

Нејзиното неверојатно патување започна во Торино во 2006 година (3000м) и продолжи во Ванкувер во 2010 година (1500м), Сочи во 2014 година (3000м, тимско злато), Пјонгчанг во 2018 година (1500м) и сега во Пекинг. Вуст објави дека се пензионира по Пекинг.

Инаку, злата од четири различни Игри имаат освоено само Мајкл Фелпс (пливање), Карл Луис (скок во далечина) и Ал Оертер (фрлање диск).

  • Секако дека ми значи многу, но сè уште не го разбирам тоа. Поставете ми го ова прашање повторно за 10 дена. Имам емотивен хаос во главата, изјави Вуст.