Ајварот во маркетите стигна 200 денари за тегла и него ќе го купуваме само на акција

За разлика од лани годинава и цената на ајварот е качена, а една тегла се движи околу 200 денари. Сепак, ова е очекувано ако се има предвид дека годинава пораснаа цените на пиперките, доматите, маслото за јадење... И домаќинките кои секоја година подготвуваат ајвар и друга традиционална зимница велат дека есапот е тука некаде и оти за да го направиш дома ќе ти отидат над 150 денари за една тегла, без да го пресметуваш трудот што си го вложил. Но, сепак велат дека зимницата од маркет не е ни приближно иста како домашната во која знаеш што и колку си ставил

832

Сезоната на зимници е во полн ек. И покрај повисоките цени на пиперката ајварка и на маслото за јадење, сепак граѓаните не се откажуваат од традиционален специјалитет – ајварот. На зелените пазари е раздвижено, а освен пиперки за ајвар се купуваат и домати, корнишони, моркови, црн патлиџан, како и овошје, за правење мармалади, слатки џемови. И покрај тоа што во маркетите има голем избор на секов вид на зимница, сепак домашно си е домашно, а и традицијата мора да се испочитува. Меѓутоа за разлика од лани годинава и цената на ајварот е качена, а една тегла се движи околу 200 денари. Сепак ова е очекувано ако се има предвид дека пораснаа цените на пиперките, доматите, маслото за јадење….

И домаќинките кои секоја година подготвуваат ајвар и друга традиционална зимница велат дека есапот е тука некаде и оти за да го направиш дома ќе ти отидат над 150 денари за една тегла, без да го пресметуваш трудот што си го вложил. Но, сепак велат дека зимницата од маркет не е ни приближно иста како домашната во која знаеш што и колку си ставил.

Меѓу граѓаните има поделено мислење околу тоа дали ајварот да се прави дома или да се купи во маркет. И покрај тоа што порано се сметаше дека домашниот ајвар е незаменлив и оти на оној од маркетите ни од далеку вкусот не му е ист како домашниот, сепак последниве години се појавија многу производители кој прават вкусен ајвар кој е ист како домашниот. Оние кои живеат во куќи со дворови имаат услови да го подготват дома, но оние кои живеат во станови и кои немаат каде да направат купуваат готов. Последниве години домаќинките, а особено оние кои се вработени се помалку имаат време да прават ајвар, па со зголемување на потрошувачката се зголеми и асортиманот на ајвари во маркетите.

Домаќинките кои секоја година подготвуваат ајвар и друга традиционална зимница велат дека есапот е тука некаде и оти исто ќе те чини да го направиш дома и да го купиш од маркет.

-За да направиш 10 тегли ајвар ти требаат околу 30 килограми пипер. Пиперот за ајвар годинава се движи од 35 до 40 денари за килограм на Кванташки пазар, а на зелените пазари е и поскап. И маслото за јадење е многу поскапено, а за 10 тегли ајвар ќе ти отидат околу 2 килограми масло. Во него треба да додадеш уште околу десетина црни патлиџани кои се по 10-15 денари парче. За една тегла домашен ајвар требаат околу 3 килограми пиперки, значи 120 денари само за пипер и кога ќе го додадеш маслото, дрвата, работната рака излегува над 150 денари, вели Јагода од Скопје.

И другите домаќинки кои секоја година си подготвуваат зимница ги имаат истите пресметки, но велат дека за разлика од ајварот поевтино ќе поминеш доколку подготвуваш малиџано или лутеница, кои исто така се вкусни, а бараат помалку работа.

-Секоја година правам зимница. Лутеница направив, а сега ќе правам и ајвар. И покрај тоа што сега во маркетите има секаква зимница задоволство ми е да си го направам дома. Сепак, мислам дека зимницата од маркетите не е толку вкусна колку домашната, а и навикнати сме на вкусот на домашниот ајвар. Што се однесува до цената, пиперот годинава е поскапен, а и маслото за јадење, па нема некоја разлика помеѓу купениот и домашниот ајвар, вели Зорица од Скопје.

Ајварот е неизбежен зимски специјалитет и секое македонско семејство мора да го има во шпајз во текот на цела зима и покрај тоа што некои домаќинки велат дека не им стигнува ниту до Нова година и оти брзо се јаде.

-Ќе правиме лутеница, но живееме во зграда, па затоа ќе одиме во село. Селото ни е на 100 километри од Скопје, па кога ќе видиш поради бензинот поскапо ќе нè фати да го правиме отколку да го купиме во маркет. Правењето зимница за нас постарите е почитување на традицијата и добро потрошено време со работа и во природа, вели Дуле од Скопје.

Но, последниве години побројни се оние кои го купуваат ајвар од маркет. Велат дека кога има акции поевтино ти доаѓа да го купиш, отколку да го направиш.

-Не правам ајвар веќе неколку години наназад. Има сè да се купи готово, а и поевтино е бидејќи постојано има некоја акција. Така некогаш наместо ајвар купувам лутеница или малиџано ако е на акција. Нема зошто да се мачам, а освен тоа живеам во зграда и немам каде да ја подготвувам зимницата, вели Елена од Скопје.

Сепак, мора да се признае дека ниту еден ајвар не е толку сладок како оној за кој убаво ќе се измачите и ќе си го подготвите дома со своето семејство. Конечно, подготовката на ајварот е составен дел на македонската семејна традиција, а и факт е дека дури и кога се прави по ист рецепт, ајварот во секоја куќа има различен вкус.

(А.С.)