Ацески: Младите јавното добро го доживуваат како ничие и може да биде уништено!

69

Во последно време сè почести се девијантни појави за уништување на урбана опрема и реквизити поставени од страна на општините на јавни површини. Граѓаните зачудено прашуваат до кога ќе се уништува и тоа малку што се прави за најмладите, а социологот Илија Ацески има одговор: – Тоа е така, затоа што институциите многу малку водат сметка за спортскиот, забавниот живот на младите. Кога ќе го видат тоа младите, тоа е нивниот став кон тоа што го прави државата. Ние добиваме парчиња клупи, а тука не ни организираат ништо,  објаснува Ацески и додава дека не ги осудува децата

Во последно време сè почести се девијантни појави за уништување на урбана опрема и реквизити поставени од страна на општините на јавни површини. Последни примери се руинирањето на новиот повеќенаменски терен во ООУ „Љубен Лапе”, во општина Аеродром, а пред извесно време на мета на градски силеџии беа реквизитите на игралиштето под основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во населбата „Ченто“.

Граѓаните зачудено прашуваат до кога ќе се уништува и тоа малку што се прави за најмладите. Се уништува урбана опрема, клупи, а се оштетуваат чешми кои потоа се нефункционални. И покрај апелите од општините и укажувањето дека тоа се заедничка сопственост и за општо добро, вандализмот, пред сè од младите продолжува.

– Апелираме уште еднаш за почитување на површините кои се заедничка сопственост и наследство кое го оставаме на новите генерации. Со вакви чинови се придонесува кон ограничување на содржините кои им се достапни на учениците, а со тоа и ограничување на нивниот правилен раст и развој – се огласија од Општина Аеродром.

Граѓаните се гневни и бараат да се пронајдат сторителите и предлагаат покрај глобата што ќе ја платат, заедно со сезонските работници еден месец да се грижат за хигиената во населба Аеродром.

– Тие да носат и маички со натпис „Јас го руинирав новото игралиште во ООУ „Љубен Лапе“, па сите нека ги гледаат кои се, а за нивните родители тоа ќе биде најголема казна, не ќе можат на слави и по роднини да ги величат своите мазенчиња колку воспитани и учтиви деца се –  предлага Славко Насуличев.

И од Општина Гази Баба велат дека за жал, во последно време се почести се девијантни појави за уништување на урбана опрема и реквизити поставени од страна на општината на јавни површини иако се врши нивна континуирана промена.

– Ја користиме оваа прилика да упатиме јавен апел до граѓаните за чување на поставените реквизити и урбана опрема на јавните површини низ општина Гази Баба, бидејќи тие се градат со цел граѓаните да имаат простор за одмор и рекреација со своите деца – нагласуваат од локалната самоуправа.

Ваквиот однос, пред сè, на младите кон општото добро, според социологот Илија Ацески се должи на тоа што се потенцира/нагласува односот на институциите, на училиштата кон младите во една негативна смисла.

– Тоа е така, затоа што тие институции многу малку водат сметка за спортскиот, забавниот живот на младите. Кога ќе го видат тоа младите, тоа е нивниот став кон тоа што го прави државата. Ние добиваме парчиња клупи, а тука не ни организираат ништо – објаснува Ацески и додава дека не ги осудува децата.

– Тие не се вандали, но оние што се поенергични, во еден момент кога нема каде ја трошат таа енергија, реагираат така: „кога не ми организирате фудбалски натпревари јас можам и вака“ – наведува тој

Ацески вели дека таквиот однос е и дел од поглобалната култура.

– Тука е и сегментот на родителите кои воопшто не посветуваат внимание на децата како да се однесуваат кон јавното добро. Ако направите штета на приватното ќе мора да обесштетите, а јавното добро се доживува како ничие и може да биде уништено. Тука лежи еден од клучните моменти и социолошко-психолошко објаснување – смета Ацески.

Тој вели дека кога на подолг рок на децата ќе им се посвети внимание на пример во доменот на физичката култура, тие објектите ќе ги одржуваат и чуваат.

(А.П.)