Ахмети оди како сведок, но Хаг може да се премисли?

Ахмети во Хаг, како дел од ОВК, треба да биде испрашуван во врска со војната на Косово, и таму ќе биде денес и утре, бидејќи меѓународните обвинители побарале да им биде на располагање два дена. Хашкиот трибунал подоцна може да утврди каков статус ќе му биде определен

4345

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, утре треба да се појави во Хаг на сослушување во Специјалниот суд за воените злосторства во Косово.  Од неговата политичка партија тврдат дека тој е повикан како сведок.

„Претпочитам да не одговарам пред државни микрофони на партиски прашања, но еве кратко, тој е во својство на сведок“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Ахмети пред специјалниот суд за воени злосторства треба да биде испрашуван во врска со војната на Косово, и таму ќе биде денес и утре, бидејќи меѓународните обвинители побарале да им биде на располагање два дена.

Хашкиот трибунал подоцна може да утврди каков статус ќе му биде определен.

Ахмети неодамна потврди дека добил покана да се јави во Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово, со седиште во Хаг, преку соопштение на „Фејсбук“, во кое напиша дека е повикан и оти „ќе оди во Хаг да сведочи како еден од основачите на ОВК“.

Во книгата „Господарите на војната и бунтовниците на Балканот“, напишана од британскиот новинар Џон Филипс, пишува дека на средбата на која 1993 година беше формирана УЧК бил присутен човек со псевдоним Абаз Џука. Подоцна Абаз Џука, пишува порталот „Во центар“ стана познат во Македонија како Али Ахмети, прво како командант на ОНА, а потоа како лидер на ДУИ. И денес најблиските соработници на Ахмети му се обраќаат со псевдонимот Абаз.

Според Џон Филипс, Али Ахмети 1997 година бил сместен во Тирана каде што ги организираше герилските групи кои потоа дејствуваа на територијата на Косово и Македонија.

Уште 1998 година постои кривична пријава против десетина лица, меѓу кои и Ахмети, кои подоцна станаа дел од раководството на ОНА, објави порталот „Воцентар“.