Ахмети има оптимално решение! Што им бара на Заев и Мицкоски?

Роковите кои течат, но и тесната разлика меѓу двете најголеми партии од само двајца пратеници нема да им дадат слободен викенд на лидерите на политичките партии, кои деновиве интензивно се сретнуваат, во обид да ги надминат црвените линии и да ги приближат ставовите за да стигнат до 61 пратеник. Според текот на разговорите, сè уште е рано за што било да се официјализира. Нема информации ниту кој, кои министерски места ги мерка како услов за да си подадат рака

1915

До крајот на следната недела, претседателот Стево Пендаровски треба да го додели мандатот на партијата која ќе успее да обезбеди мнозинство во Собранието. Роковите кои течат, но и тесната разлика меѓу двете најголеми партии од само двајца пратеници, нема да им дадат слободен викенд на лидерите на политичките партии, кои деновиве интензивно се сретнуваат, во обид да ги надминат црвените линии и да ги приближат ставовите за да стигнат до 61 пратеник.

Исходот од разговорите го чека и шефот на државата. Уставот предвидува дека претседателот треба во рок од десет дена од конститурирањето на Собранието да го довери мандатот за составување на новата влада на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Според текот на разговорите, сè уште е рано за што било да се официјализира. Нема информации ниту кој, кои министерски места ги мерка како услов за да си подадат рака.

На средба во четири очи, со првиот интегративец Али Ахмети, деновиве се сретнаа и Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Од СДСМ со истата реторика – уште едно соопштение.

СДСМ започна сериозни, темелни преговори со претседатели и високи претставници на политички партии кои се дел од новиот собраниски состав, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата, соопштуваат од партијата и додаваат:

-Разговараме исклучиво за формирање Влада, која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или каков било национализам. Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика „Северна Македонија – едно општество за сите“.

Дека стартувале официјални преговори меѓу лидерите на ДУИ, Али Ахмети, и на СДСМ, Зоран Заев, потврди и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.Средбата, според него, била конструктивна и надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка за таков епилог. За време на состанокот најмногу се разговарало за враќање на изгубената доверба за време на изборната кампања.

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоцски, деновиве се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Партиски извори за медиумите брифираат дека средбата траела повеќе од еден час, а темата била формирањето на нова Влада.

Средбата се случи откако Димитар Апасиев, лидерот на Левица, официјално соопшти дека двата пратеника од таа партија ќе ги поддржат ВМРО-ДПМНЕ за состав на нова Влада иако нема да бараат учество во неа.

Ако Мицкоски обезбеди поддршка од Левица и од ДУИ, и ВМРО-ДПМНЕ би ги имало неопходните 61 пратеници со нивната поддршка, доволно за мандат и за нова Влада.

Но, и по средбите со двајцата лидери од македонскиот блок, од Мала Речица се децидни дека засега не договориле коалиција ниту со Заев ниту со Мицкоски. Истовремено, оттаму ја демантираат и информацијата што ја пренесоа дел од медиумите дека е договорено премиер да биде Лазар Еленовски.

-Апсолутно не е точна информацијата дека Лазар Еленовски ќе биде премиер, вели вицепремиерот во заминување од ДУИ, и портпарол на партијата, Бујар Османи. 

„Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да ѝ наштетат на ДУИ и да му наштетат на процесот. Во моментот кога ќе има нешто конкретно, граѓаните ќе бидат информирани. Мислам дека постои едно оптимално решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните и на државата“, рече Османи. Тој апеираше јавноста да ги почека официјалните информации од партиите.

Според него, ДУИ првично разговарала со нејзините „сегашни партнери со кои бевме три години во коалиција“, но не ја исклучуваат ниту опцијата на разговори со сите политички партии.

„Сметаме дека е здраво да се разговара со сите со цел да се разгледаат ставовите на сите политички партии, за да се дојде до едно одржливо решение со цел побрзо формирање на институциите. Претседателот Али Ахмети го води овој процес и не ги исклучува сите политички партии во разговорите“, нагласи Бујар Османи.

Од Алијансата за Албанците велат дека разговарале само со СДСМ, бидејќи според нив е веројатно Зоран Заев да го добие мандатот.