АФПЗРР досега на 306 земјоделци им ги исплати средствата за набавка на трактор

49

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски денеска во скопско Стајковци го посети земјоделското стопанство „Еко – Фарм 2017“ кое има добиено финансиска поддршка за набавка на трактор.

Станува збор за трактор од марката „Арматраг“ со вкупна вредност на инвестицијата од 733 илјади денари од кои 403 илјади денари се вратени на сметката на апликантот.

Преку мерката „Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства, подмерка набавка на трактори“ веќе се реализирани и исплатени повеќе од половина од одобрените апликации.

– Преку оваа мерка потпишани се 540 договори за набавка на трактори. До денеска исплатени се 306 апликанти и на нивните сметки вратени се 120 милиони денари. Тоа се сериозни средства кои се вратени на сметките на земјоделците. Агенцијата продолжува да имплементира и реализира мерки кои го осовременуваат домашниот агро сектор. Преку Програмата за рурален развој АФПЗРР исплати 990 милиони денари за поддршка на мерките кои се реализраат преку оваа програма. Со тоа реализацијата на средствата од Програмата за рурален развој е 85 проценти. Практично овие средства се инвестирани во капитални, развојни проекти кои го прават секторот земјоделство поконкурентен и со пониски производни трошоци, изјави Бачовски.

Управителот на Еко – Фарм 2017, Александар Крстевски вели дека тракторот стигнал во вистинскиот момент.

– Оваа есенска сеидба, новиот трактор значително ги намали производните трошоци. Обработката на 10 хектари површина со градинарски култури, сега оди полесно, а скратено е и времето за обработка. Ваквите мерки не само што не прават поконкурентни, туку не тераат да ги зголемуваме површините. Повратот на повеќе од половина од средства за набавка на трактор веќе планирам да ги реинвестирам во нови проекти кои ќе ми овозможат да креирам додадена вредност на домашните произведени земјоделски култури, истакна Крстевски.