„Прозорец со поглед – неограничено време во ограничен простор“ е новиот заедничкиот проект на визуелниот уметник Иван Ивановски и композиторот Александар Пејовски што од вечерва ќе биде претставен во изложбениот простор на КСП „Центар-Јадро“ во форма на уметничка аудиовизуелна инсталација.

Проектот се реализира во соработка со кураторот Владимир Јанчевски. -Овој проект е обид за деконтекстуализација на етаблираните форми, преку визуелни и звучни елементи кои коегзистираат во еден простор.

Проектот е сочинет од четириесетина слики на Ивановски со различни димензии, изработени во техника акрилик на платно и хартија, како и од музичката композиција на Пејовски „Отворен прозорец“. Тие воспоставуваат релација во рамки на просторната поставка, како двонасочна визуелна и музичка кореспонденција, велат од „Центар-Јадро“.

„Прозорец со поглед“ е метафорична игра која се труди да преиспита неколку сериозни и релевантни теми за нашето време.

-Повлекувајќи го посетителот преку очигледната визуелна симболика во сликите, со форми кои асоцираат на град кој хаотично се развива, понатаму ја отвора можноста за дискусија за недостатокот на простор проектиран по хумани начела и современи урбанистички стандарди. Оттука, фокусот е пренасочен и на прашањата поврзани со приватноста во онлајн простор-времето, сведени на нулта димензија со која сѐ повеќе се идентификувa и каде што сѐ почесто престојуваа најголемиот дел од популацијата. Идејата е гледачот да влезе во еден вид деконструиран „атриум“ во кој што ќе си го постави прашањето: „Дали гледам надвор, или некој однадвор ме гледа мене?“ И секако, притоа да проба да си замисли што се случува на претпоставената точка на која се вкрстуваат различните точки на гледање, додаваат од „Центар-Јадро“.